Македонија
14. March 2018 - 16:22

Судењето за „Монструм“ повторно одложено - бурна реакција на роднините на убиените момчиња

Специјалното Јавно обвинителство одлучува дали е надлежно за случајот „Монструм“.. На денешното судско рочиште, судијата Огнен Ставрев информираше дека СЈО на шести месецов го побарало предметот од Јавното обвинителство за организиран криминал а завчера и го добило за разгледување..

„Двете страни овде се повредени, и страната на обвинетите која е неосновано по наше видување скоро 6 години во притвор, и страната на оштетените кои што сакаат да ја знаат вистината кој е виноевн за смртта на нивните деца. Со учеството на СЈО, сигурен сум дека тоа ќе се расчисти“, изјави Сашо Дуковски, адвокат на обвинетите.

Специјалното обвинителство има рок од 8 дена да одлучи дали е надлежно за предметот „Монструм“.. Одбраната верува дека СЈО може да го реши петкратното убиство кај Смилковското езеро..

„Мислам дека надлежноста е дефинитивно на СЈО бидејќи поседува прислушувани разговори кои беа предадени од тогашниот лидер на опозицијата и мислам дека со овие разговори кои ги поседува СЈО ќе се расветли овој случај, дури и ќе се најдат виновниците на овој грозоморен чин“, изјави Насер Руфи, Адвокат.

Поради превземањето на предметот, судењето денеска се одложи на што жестоко реагираа роднините на убиените.. Ова е политички пазар, срам за судството, ни создавате дополнителни трауми – беа само дел од негодувањата упатени до судечкиот совет..

„Судот веќе шест години си игра мајтап со случајот „Монструм“. Политичките партии се пазарат со нашиот случај, со крв на деца се пазарат“, вели Горан Наќевски, татко на убиениот Александар.

Случајот „Монструм“ е втор пат пред судот откако Јавното обвинителство лани побара враќање на предметот поради сомнеж дека за него постојат прислушувани разговори.. Инаку претходно, обвинетите беа осудени на доживотен затвор..

Масакрот кај Смилковското езеро во кој беа убиени петмина се случи во април 2012-та на Велики четврток.