Македонија
6. February 2019 - 8:31

Судбината на СЈО неизвесна

 И покрај тоа што судбината на Специјалното јавно обвинтелство е неизвесна, осомничените, сепак, нема да се спасат од кривична одговорност. Правниот систем во Македонија треба да продолжи со истражните постапки на предметите кои СЈО не успеа да ги доврши, смета поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.

-Факт е дека сите политички партии се согласија за формирањето на СЈО. Тоа е многу голем и јак елемент за негово постоење. Неговото минизирање сега, како што прочитав во одредена медиумска презентација  дека СЈО е мртво, јас не се согласувам со тоа. Сметам дека осомничените нема да може да се ослободат од кривична одговорност на овој начин. Сепак има правен систем што мора да најде начин предметите во кривичната област да се процесуираат и на овој или оној начин да дојдат до крајно решение, изјави Цаца Николовска по вчерашната презентација на Вториот мониторинг извештај за работата на Судскиот совет.

Врховниот суд, според неа, нема надлежност да го толкува Законот за СЈО, туку тоа треба да го прави единствено Собранието бидејќи го има донесено, или пак Уставнот суд доколку е проблематична содржината на законското решение.

-Очигледно е дека дури сега одредени лица собрале  храброст тоа да го направат. За 18 месеци ваква пасивност од сите страни е недозволива и ако некој смета дека со ова начелно мислење одредени лица ќе бидат ослободени од одговорност, тоа ќе биде катастрофа за Македонија. Факт е дека Собранието го донело и најдобро го познава духот на Законот и затоа тоа најдобро може да одговори на поставеното прашање, истакна Цаца Николовска.

Според поранешната судијка на Врховниот суд, Вера Коцо мислењето на Врховниот суд е правно неиздржано, но сепак, како што вели, ќе има влијание врз пониските судови.

-Врховниот суд не се залетува по прв пат со вакви правни мислења. И во изминатиот период знаеше да донесе некакви правни мислења и начални ставови, што не соодветствуваат на правната состојба во нашето општество. Ова правно мислење е штуро и донесено во време кога судовите немале различни одлуки, па евентуално да сакаат да усогласат нешто, рече Коцо.

Минатата недела, Врховниот суд донесе начелно правно мислење во кое наведува дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.

Кривичниот суд Скопје вчера побара од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од Специјалното јавно обвинителство.

Од Судот посочуваат дека, сé до произнесување на државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното  обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој милење даде Врховниот суд на РМ, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, сé со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.