Македонија
3. December 2019 - 14:31

Субвенции за автомобили ќе нема, средствата се насочуваат во мерки што даваат најдобар резултат

Средства за субвенции за купување возила што беше најавено за  следната година, во буџетот не се предвидени. Работна група што била формирана и го разглеудвала ова прашање одлучила средствата да се алоцираа таму каде ќе дадат најдобар ефект.

Ова го соопшти денеска министерката за финансии Нина Ангеловска одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за проектот „Купи куќа, купи стан“, најавувајќи дека наскоро ќе биде соопштено повеќе за Законот за данок на моторни возила кој е усвоен од Владата и за други мерки што се во насока на намалување на аерозагадувањето.

-Беше разговарано, и одлучено дека приоритет на Владата е средствата да бидат алоцирани онаму каде ќе дадат најдобри резултати. Таа мерка беше дебатирана, имаше работна група што беше формирана и средствата се алоцирани за да го дадат најдобриот ефект, изјави министерката, додавајќи дека целта е средствата на граѓаните насочени преку кој било проект да го дадата најдобриот резултат.

Таа додаде дека аерозагадувањето е еден од приоритетите на Владата и дека во буџетот има повеќе мерки што се вградени во најразлични министерства.

-Програмата во Владата е 100 милиони, во Министерството за животна средина има 70 милиони што се повеќе за 20 милиони од минатата година, за субвенции за инвертери што треба да започне и се предвидени 620 милиони денари и во Министерството за економија за субвенциите за вградување плински уреди за што се предвидени 18 милиони денари и на ова го додаваме и новиот закон за данок на моторни возила во насока на намалување, за кое данокот ќе се определува по однос на вредности по однос на загадувањето, како и гасификацијата 1,1 милијарда денари. Ова се мерки што се вградени во буџетот, потенцира министерката Ангеловска.