Македонија
18. December 2019 - 14:33

Студија: Една третина од младите веруваат дека за пет години земјава ќе биде подобро место за живеење

Шест од 10 млади лица во земјава сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа како работат властите, а една третина од нив веруваат дека Македонија по пет години ќе биде подобро место за живеење за младите, покажуваа податоците што беа презентирани на денешната конференција организирана од Вестминстерската фондација за демократија (ВФД) и Младински образовен форум (МОФ).

Според овие податоци, 60 отсто од младите веруваат дека Македонија ќе стане членка на Европската унија, додека 70 проценти од нив сметаат дека тоа ќе се случи во следните пет години. Младите кои веруваат во европската перспектива на земјата се помалку расположени да си заминат од земјата, додека оние кои се граѓански ангажирани се позадоволни со своето место во општеството од своите врсници.

Во обраќањето на конференцијата министерот за образование и наука Арбер Адеми оцени дека резултатите од ваквите истражувања се важни за институциите, бидејќи тие се индикатор за задоволството и незадоволството на младите од нивното учество и вклученост во општеството.

– Преку ова истражување се иницираат нови идеи и можности за соработка. Неколку од заклучоците кои ни беа презентирани претходно, се вклучени во новите закони во образованието преку кои се овозможува поголема вклученост на учениците во процесот на одлучување за програмите во нивните училишта, истакна Адеми.

Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј посочи дека резултатите од истражувањето покажуваат оти само три отсто од младите се задоволни со своето место во општеството.

– Оваа слика мора да се промени, затоа што е важно да имаме силни, здрави и ангажирани млади. Поради ова го поддржуваме проектот на ВФД и нивната работа за зголемување на нивото на младинско политичко и институционално учество. Ова е еден од клучните елементи за зголемување на младинската вклученост и ангажираност во општеството, додаде Галовеј.

Претставникот на ВФД, Дамир Незири потенцира дека истражувањето е насловено „Апатија, оптимизам или разочараност?“, три зборови кои, како што рече, совршено ги сублимираат ставовите на младите во однос на нивното место во општеството.

– Тие не се информираат за општествено политичките случувања, но речиси секогаш гласаат на избори; сметат дека не се доволно консултирани и вклучени во процесите на одлучување, но сепак голем дел од нив веруваат дека во иднина ќе биде подобро, особено ако државата стане дел од Европската унија, нагласи Незири.

Учесниците на конференцијата оценија дека податоците од истражувањето не се изненадувачки ако се има предвид дека 85 проценти од младите се изјасниле дека никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално, ниту на централно ниво.

Целта на студијата е да се дадат повеќе информации за перцепциите на младите и политиките и пристапите кои треба да се преземат за да се подобри нивната позиција во општеството, поради што младите луѓе треба да бидат високо на листата на приоритети на националните и локалните власти, образовните институции, граѓанските организации и медиумите за да се поддржи нивното активно учество во општествените текови.

ВФД информира дека во соработка со МОФ и со поддршка на британската Влада ќе продолжи да работи на овие прашања, преку активности во кои ќе бидат вклучени ученици и студенти, претставници на партиските подмладоци и граѓанските организации, но и преку давање поддршка на Клубот на млади пратеници, кој, како што смета Фондацијата, е светол пример за искрена соработка за подобрување на положбата на младите.