Македонија
15. January 2023 - 16:31

Струмица на врвот на најзагадени градови во земјава, еко-активистите бараат итни мерки

Струмица повторно е меѓу најзагадени градови во регионот. Мерните станици денеска покажаат екстремно загадување на воздухот со висока концентрација на штетните ПМ 10 честички. 

Еко активистите бараат итни мерки, зачестени инспекциски контроли и санкции за загадувачите. 

Ѓорги Танушев од граѓанската иницијатива Стига е и советник во општинскиот совет вели дека во периодот со големо загадување мора да се примени сет на мерки кои нема да го решат проблемот но ќе придонесат за намалување на загаденоста. Според него дел од решенијата се често миење на улиците, возење пар не пар,  но и затворање на градилиштата.

И покрај тоа што анализите покажуваат дека најголеми загадувачи се домаќинствата, според Танушев голем удел има и индустријата за која според него, нема вистинска контрола колку таа загадува. 

Од општинскиот инспекторат за животна средина информираа дека тие прават секојдневни надзори кај правните субјекти, но кај ниту еден од нив не биле регистрирани прекршувања, а 70% се префрлиле на струја. 

Претходно и од општината информираа дека ги преземаат сите неопходни мерки за намалување на загадувањето. Како едно од долгорочните решенија за надминување на проблемот покрај гасификацијата е најавата за воведување на еколошки градски транспорт.