Македонија
16. December 2018 - 17:39

Струмица и Петрич по примерот на централните власти одржаа заеднички седници на советите

По примерот на владите од Македонија и Бугарија советите  од општините Струмица и Петрич одржаа заедничка седница. Двете општини имаат повеќегодишна  успешна соработка, во март 2017 година градоначалниците потпишаа и меморандум за соработка, но досега не била реализира седница на ниво на општинските совети. Претседателите велат целта е да се запознаат колегите меѓу себе,  но и да разменат искуства од нивното работење.

- Соработката помеѓу општините Петрич и Струмица е многу одамна, но таа досега беше на ниво на градоначалници. Затоа ние решивме да ја прошириме соработката, да се запознаат општинските совети, да видиме како работи вашиот,  а како нашиот совет. Ние очекуваме и вие да влезете во Европската Унија и да ја продолжиме понатамошната соработка,  посебно во делот на реализацијата пограничните проекти  финансирани од унијата.

За претседателот на советот на општина Струмица Марјан Даскаловски оваа средба и искуствата на неговите бугарски колеги  се од големо значење за Струмица, посебно во периодот кога Македонија се стреми за влез во ЕУ и НАТО

- Соработката меѓу општина Петрич и Струмица била од секогаш, меѓутоа советите никогаш не сме имале таква средба, да размениме искуства, да видиме како функционира советот на општина Петрич, како функционира советот на општина Струмица бидејќи треба да се подготвиме, се надевам дека после 18 јануари ќе почне Република Македонија да преговара за Европската Унија и за влез во НАТО.

Претседателите на двата општински совети договорија ваквите средби и заеднички седници да преминат во традиција и да се одржуваат секоја година. Следната ќе се случи во Бугарија кога домаќини ќе бидат советниците од општина Петрич.