Балкан
5. August 2019 - 18:22

Строги казни во Грција за возачите - пушачи

Со парична казна од 1500 евра и одземање на возачката дозвола за еден месец може да се соочат таксистите, возачите на автобуси и возачите на секаков вид јавни возила во Грција доколку пушат додека возат, според нови прописи од грчкото Министерство за здравство, објавени од грчките медиуми.

Доколку во возилото има дете под 12 години, тогаш паричната казна е двојно поголема, односно возачот ќе треба да плати 3000 евра.

Еден од приоритетите на новата грчка влада како во предизборниот период, така и по изборите е да се спроведе целосно законот за забрана на пушење на јавни места, а Министерството за здравство на Грција веќе издаде циркуларно писмо во кое објаснува каде треба да се применува конкретниот закон, jави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавуваат дека веќе се испратен и нови насоки со предвидените казни за пушење цигари во автомобили.

Според „То Вима“, доколку во возилото, без разлика дали е јавно или приватно има дете до 12 години, тогаш забрането е пушењето цигари, а казните во случај на прекршување се 1500 евра за пушачот без разлика дали е возач или совозач.

Забраната за пушење на јавни места се однесува и на електронските цигари.