Македонија
16. October 2017 - 9:15

Странските медиуми за локалните избори во Македонија

Владејачката СДСМ прогласи победа на локалните избори, е насловот под кој Радио Слободна Европа известува за вчерашното изјаснување во Македонија, кои Ројтерс ги нарече тест за прозападната оријантација на земјата.

- Вака изгледа Македонија кога гласањето е слободно, мирно и без притисоци, ја цитира Слободна Европа изјавата на премиерот Зоран Заев по прогласувањето победа.

„Македонската владејачка СДС прогласи победа на локалните избори,  сигнализирајќи на тој начин голема поддршка за новата влада која вети дека ќе го забрза зачленувањето на малата балканска земја во НАТО и во Европската унија“, известува Ројтерс.

„Победата обезбеди поддршка за социјалдемократите  за спроведување на нивната прозападна политика, која националистите ја сметаат за штетна за државата и нејзините граѓани“, прецизира Ројтерс, потсетувајќи дека Зев дојде на власт пред шест месеци, по декемвриските избори со кои се стави крај на двегодишната криза, настаната по обелоденување на скандалот со прислишување, кој ја урна претходната влада.

Оваа новинска агенција уште пишува дека ВМРО-ДПМНЕ ја стави под прашање регуларноста на изборите, цитирајќи го нивниот лидер Никола Груевски, кој рече дека изјаснувањето на граѓаните минало во „недемократска атмосфера и нефер услови“.

Асoшиејтед прес забележува дека Груевски навестил оставка на партиската функција. - Изборите се уште не се завршени, а најголема одговорност за резултатите лежи на лидерот“, пренесува Асошиејтед прес.

„ФИРОМ: Голема победа на социјалдемократите на Заев на локалните избори“, пишува грчкиот весник „Нафтемборики“.

Весникот наведува дека изборите минале без проблеми, објавувајќи дека на вчерашните избори СДСМ победила во 37 општини, додека ВМРО-ДПМНЕ само во три мали општини, потсетувајќи дека на минатите избори ВМРО-ДПМНЕ ја доби власта во 57 локални самоуправи, а СДСМ во четири.

„Големата победа на СДСМ во првиот круг, која изненади многу прогнозери и која се очекува да биде уште поголема после вториот круг на 29 октомври, ја зајакнува позицијата на Зоран Заев...истовремено продолжувајќи го процесот на политичка промена во земјата, која почна со преземањето на власта на СДСМ по декемвриските избори“, наведува грчкиот весник.

„Партијата на премиерот прогласи победа на македонските локални избори“, е насловот под кој кинеската новинска агенција Ксинхуа информира за вчерашното гласање.

„Луѓето ја кажаа нивната пресуда, изјави премиерот Зоран Заев. - Тие дадоа поддршка за нашите политики. Нашата обврска сега е уште поголема и никакво оправдување не е дозволено. Ние ветивме дека ќе служиме на граѓаните и ќе ги слушаме нивните наредби“, пишува Ксинхуа. Агенцијата пишува дека според одредени експерти, убедливата победа, може да го охрабри Заев да распише предвремени парламентарни избори.