Бизнис
20. February 2017 - 13:49

Стопанска комора: ЕЕН моќна алатка за наоѓање нови пазари и странски деловни партнери

Вкупно 44 македонски компании склучиле деловни договори со странски партнери во периодот 2015-2016 година преку Европската мрежа за бизнис можности (ЕЕН), а 182 фирми од странство побарале соработка со наши компании. 

Ова е само дел од билансот на ЕЕН која, освен интернационализација, нуди и трансфер на технологии и иновативност. Периодот 2015-2016 е заокружен и веќе почна следниот, за 2017-2018 година.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, услугите на ЕЕН се бесплатни. Најмногу, речиси 94 отсто, ги користат мали и средни претпријатија (МСП), главно од ИТ секторот и трговијата.

- Информациите за Мрежата допреле до 9.605 компании во Македонија, организирани се 19 регионални или локални настани на кои учествувале 483 компании, а 139 добиле совети за интернационализација на бизнисите. Одржани се и 32 Б2Б средби на кои учествувале 143 компании од Македонија, а 88 побарале информации за странските пазари или потенцијални деловни партнери во странство, истакна Софче Јовановска од Комората.

Во однос на иновативноста, за 2015 - 2016 година, склучени се 22 технолошки договора за партнерство, продуцирани се 30 технолошки профили и се реализирани преку 113 размени на информации.

- ЕЕН во Македонија е исклучително економски ефикасна. Вложените средства се на висок начин исплатени преку придобивките што ги имаат компаниите. Остварените 44 партнерства за две години се голем бенефит, финансиски за претпријатијата, но и во вид на реализирани идеи за научните истражувачи, истакна Виктор Стојмановски од Машинскиот факултет и менаџер на проектот.

Според него, ЕЕМ овозможи 44 отсто од клиентите да го зголемат обртот, а многу почнале и нови бизниси или вовеле иновации.

Европската мрежа за бизнис можности функционира од 2008 година. Денес брои 600 организации од Европа, но и од САД, Русија, Кина, Јапонија, Чиле, Аргентина,... Обединува преку 3.000 професионалци во 60 земји кои во секое време, 24 часа, се на располагање за обезбедување прецизни, точни податоци. Како да се најдат нови пазари, нови деловни партнери, нови технологии и иновации, како да се аплицира за европските фондови,... се најчестите прашања што ги поставуваат стопанствениците - корисници на ЕЕН.

Во Македонија ЕЕН работи како национален конзорциум во рамки на Европската мрежа на претприемачи. Проектен лидер е Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а партнери се Стопанската комора и Фондацијата МИР.

- ЕЕМ е многу моќна на европско ниво. Кај нас е препознаена, но надвор е бренд. Со склучени преку 7.000 деловни партнерства, овозможи 2.400 МСП да добијат средства од ЕУ фондовите, потенцира Стојмановски.

Јовановска дополни дека компаниите кога бараат информација за одредена услуга најчесто си заминуваат со идеја повеќе, зашто осознаваат што се нуди Мрежата како алатка.