Македонија
6. April 2020 - 12:26

Стоматолозите од крајниот Исток меѓу најпогодените од кризата со Ковид-19

Kризата со коронавирусот ја стави во тесно работата на делчевските стоматолози кои поради вирусот Ковид-19 ги ставија во мирување своите активности, поради што бележат огромни загуби. Ова го потврди претседателот на Комората на стоматолози за источниот регион, Димитар Малешевски кој рече дека кризата лошо ќе се одрази имајки предвид дека поголем дел од пациентите кои ги вршеа своите стоматолошки прегледи во Делчево беа од соседството.

– Ќе се одрази сигурно заради тоа што по препорака на Министерството за здравство сите стоматолошки ординации во Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица моментално не работат, докторите се на повик и се работи само со закажување итни случаи, со итна дијагноза со јаки болки или отоци. Од економска гледна точка ќе се одрази многу, затоа што во моментот не се работи ништо, вели Малешевски.

Мало олеснување за стоматолозите е тоа што деновиве се формираше Итната стоматолошка служба во Делчево која сепак ќе работи само за неодложни интервенции.

– Конкретно во Делчево имаме 14 стоматолошки ординации кои се опфатени со дежурната служба. Утврден е распоред според кој лекарите се организираат и ги прават дежурствата. Ова значи дека барем за итните случаи кои имаат потреба од стоматолог, граѓаните нема да мора да стравуваат, додаваат од Итната стоматолошка служба.

Ова сепак нема да ги ублажи еконосмките последици, додавааат стоматолозите, бидејки работата трпи, а со тоа и останатите услуги кои ги пружаа делчевските забари како на своите сограѓани, така и на иселениците кои редовно за време на летниот период ги користеа услугите на матичните стоматолози.