Балкан
27. July 2015 - 14:52

Столтенберг: Турција е доволно моќна и нема побарано помош од НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска изјави дека Турција е доволно моќна и оти нема доставено барање за воена поддршка од Северноатлантската алијанса.

- Турција има многу моќна војска и безбедносни сили. Поради тоа нема барање за некоја значителна поддршка од НАТО, посочи Столтенберг.

На барање на Турција утре во Брисел се повикани амбасадорите на 28. земји-членки на НАТО на консултации поради порастот на тензии меѓу Анкара и исламистичката Исламска држава од една страна и од друга страна со курдските бунтовници.

Столтенберг истакна и дека е задоволен што Анкара одлучно се ангажирала во борбата против ИД, додавајќи оти кога се бомбардираат позициите на Курдската работничка партија (ПКК) „самоодбраната мора да биде соодветна“.