Македонија
28. March 2021 - 16:37

Столтенберг: НАТО ја стави Северна Македонија на патот на безбедност и просперитет

Членството во НАТО ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници. Во честитката по повод првата година на Македонија во Алијансата, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг нагласува – вие сте вреден сојузник, со свое место на масата и еднаков глас во обликувањето на одлуките.

Нарекувајќи ја Македонија сигурен извозник на безбедност, генералниот секретар го поздравува учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО. Столтеберг првата година на Македонија во НАТО ја оцени како успешна и покрај тоа што таа помина во услови на пандемија и нови нови безбедносни закани.

НАТО сојузништвото беше потврдено и со прелетот на три грчки Ф-16-ки за време на вчерашната прослава од годишнината од членството на Македонија во НАТО. Од главниот штаб на грчката армија велат дека ваквата воена соработка придонесува за максимално, непречено и брзо прилагодување на земјава со процедурите на Алијансата.

„Горенаведените активности ги зајакнуваат врските меѓу двете земји и придонесуваат за унапредување на улогата на Грција и нејзините вооружени сили како фактор на безбедност и стабилност на Балканот”, соопштуваат од Генералштабот на грчката армија.