Македонија
15. December 2020 - 8:41

Сто дена Влада: Стабилен Буџет и нови инвестиции, спроведување попис и 34.000 денари просечна плата

Премиерот Зоран Заев даде отчет за сработеното за сто дена Влада, при што, меѓу другото, се осврна на материјалната помош дадена за граѓаните и стопанството за време на ковид-кризата, новите инвестиции во земјата, адаптацијата на образованието и неселективното владеење на правото, со ветување за борба за заштита на животната средина, одржување на попис и оддамна најавуваната просечна плата во висина од 34.000 евра, како и 20.000 денари минимална плата.

– Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни донесен е четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра. Заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека околу 1 милијарда евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството, за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација, нагласи Заев.

Тој посочи дека е обезбедена поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината.

– Заедно со дополнувањето на овој пакет со нови осум милиони евра во пакетот 4 – КОВИД-екстра ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал, рече Заев.

Премиерот потенцираше дека на 283.000 граѓани деновиве им се испорачуваат директни плаќања во вредност од по 6.000 денари во вкупна вредност од 27,6 милиони евра – за пензионерите, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани.

– Новиот пакет обезбеди нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Македонија, како и грантови за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби и слични, за самостојните вршители на дејности, занаетчиите и за многу други категории дејности, потенцираше Заев.

Во однос на инвестициите, тој нагласи дека во првите 100 дена од работењето на оваа Влада, се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра.

Тој потенцираше дека енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот, истакнувајќи дека е донесена одлука и за формирање тимови за преговори и преговорите се во тек, за наши државни инвестиции, во терминалот на течен гас, природен гас и за гасна централа во Александропулос, Грција.

– Оваа иницијатива, заедно со интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија подготовка за градба е во напредна фаза. Заедно со надградбата на постојниот нафтовод, креираме систем кој ја прави Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан. Во моментот се подготвуваат плански документации за интерконекторот со Косово и интерконекторот со Бугарија, а почнаа подготовките и за вториот интерконектор со Република Бугарија, наведе Заев.

Во однос на поддршката на локалниот развој, премиерот нагласи дека ја завршиле успешно постапката со ТАВ за пренамена на 35 милиони евра, првично наменети за карго аеродром во штипско, кои сега се веќе определени да поддржат голем број проекти на општините, покрај двата сериозни за ревитализација и изградба на нови објекти на двата аеродроми – Скопскиот и Охридскиот.

– Овие 35 милиони евра се пренаменети за 99 проекти за 75 општини за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителни мрежи, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи и за многу други проекти, рече Заев.

Дополнително, како што рече, поддржавме само во декември преку буџетот повеќе од 30 проекти во општините во вредност поголема од 15 милиони евра.

Тој истакна дека како одговорни политичари, но пред сѐ како граѓани, се обврзуваат на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина.

Претседателот на Владата посочи дека во првите 100 дена влегле во интензивен процес на градење на уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните и на спроведувањето на важни политики во образованието и науката, во социјалната и во сферата на културата.

Тој истакна дека со максимална почит за независноста на правосудството, Владата преку Министерството за правда го помага усвојувањето на методологијата по која ќе се изврши филтрацијата на судството и обвинителството.

Премиерот изрази уверување дека до крајот на мандатот ќе успее да го исполни даденото ветување од 34.000 денари просечна плата и 20 илјади денари минимална плата. Заев посочи дека верува оти во земјава ќе се спроведе попис, нагласувајќи дека законот за попис е европски и гарантира успешност на постапката.

Вицепремиерот за борба со корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на отчетот на Владата за првите сто дена од мандатот, исткна дека се фокусирани на системски подобрувања за превенирања и одвраќања од корупција и криминал за да имаме правично оштество во кое редот, правдата, поредокот и напредокот ќе важат за сите подеднакво.

– Имаме обврска да бидеме отворени, отчетни и транспарентни пред граѓаните. Нашата борба ќе биде долга, трчаме маратон, не спринт, зашто долго биле занемарени етичките вредности. Не е лесно да се демонтира систем во кој постоел само еден адвокат, еден обивинител и еден судија, рече Николовски.

Тој соопшти за преземените чекори во изминатите сто дена – донесениот нов кодекс на однесување на членовите на Владата и на сите функционери назначени од Владата од најниско ниво. Видовме разрешувања, рече Николовски, а ќе бидат разрешени сите што ќе ги прекршат одредбите и нема да се толерира и замижува, како што рече, за функционери за кои има причина за одговорност, кои се богатат на државна сметка и на сметка на граѓаните.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби ја повика опозицијата на конструктивна соработка, бидејќи како што рече, она што таа до сега го прави и нуди не добива поддршка од граѓаните.

– Вчерашните победи во Пласница и во Штип се потврда и се предгласник за тоа што ќе следи во октомври наредната година. Вчерашниот ден е сигнал дека координираното и свесно бојкотирање на седниците на Собранието, радувањето за неодржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ и секојдневно блокирање на улици за измислена кауза не поминува и нема поддршка. Затоа јас заеднички ги повикувам опозициските партии, да ја прифатат нашата поддадена рака за искрена соработка, заедништво и конструктивност, истакна вицепремиерот Груби.

Тој истакна дека во владината коалиција постои кохезија и оти сите чинители во неа заеднички работат во интерес на сите граѓани.

– Откако станавме членка на НАТО го заокруживме нормативниот дел на Охрискиот договор и ги спроведовме итните системски реформи, а тоа е економска преродба владеење на правото и кристално чисто заслуженото членство во Европската унија заедно со придружни елементи за подобар живот на сите граѓани. Коалицискиот договор е продукт на компромис и е склоп на најдобрите решенија за реализација на проектите во наредните три и пол години. Владењето го започнавме со демонтрација на законитост преку рушење на дивоградбата во Чаир поддршка на општината за да се испрати јасен сигнал за нашата определеност, рече Груби.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција по владиниот отчет потенцираше дека изминатите 100 дена на Владата се вистинско фијаско и продолжение на низата која трае четири долги години – години на промашувања, криминал и неуспеси.

– Ова се најлошите 100 дена на кој било Влада во македонската современа држава, рече Мицкоски.

Според него, сегашната Влада не може да ги менаџира ни економијата, образованието и надворешната политика. Нема ниту еден капитален проект, гасификацијата доцни, а повеќето граѓани живеат со по две евра на ден.

– Ова се 100 дена на загубени штедни влогови, упропастена банка, загубени пари, илјадници загубени работни места, загуби за земјолците, бизнисот, загубени инвестиции. Ветуваа живот, а по изборниот инженеринг составија Влада со ветување – можеме повеќе и подобро, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ и влеговме во рецесија, поскапе струјата, се загубија животи поради неспособност да се манаџира здравството, истакна Мицкоски.