Свет
3. јуни 2016 - 8:34

Стејт департмент: Главна закана за светот и натаму е ИД

Групацијата Исламска држава во моментов продолжува да биде главната терористичка закана за светот, се наведува во денеска објавениот извештај на Стејт департментот за терористичките закани во различни делови од светот.

Во извештајот, која ја опфаќа ситуацијата од 2015 година, се нагласува дека ИД останува најсериозна закана во глобални рамки и се додава дека ИД задржала бројни сили во Ирак и Сирија, а во нејзините редови војуваат голем број странци.

Авторите на извештајот напоменуваат дека ИД била во најголема форма пролетта минатата година, а во втората половина од 2015 нејзиниот потенцијал почнал да се намалува и по мај не успеала да оствари ниту една суштинска победа на бојните полиња во Ирак и Сирија.

Групацијата сепак ги зајакнува позициите во Либија, каде има околу пет илјади борци, се додава во документот. 

Бројот на терористичките напади во светот лани се намалил прв пат од 2012 година, а а тие напади стануваат се подецентрализирани. 

Според податоците на Стејт департментот лани во светот имало 11.774 терористички напади, во кои загинале 28.300 лица, а над 35 илјади биле ранети.

Терористичките напади се намалени за 13 отсто во однос на 2014 година, а жртвите на ваквите напади се намалени за 14 отсто. 

Падот се должи и на помалиот број напади во Ирак, Пакистан и Нигерија. 

Зголемување на терористичките напади и на бројот на жртвите е забалежано во Авганистан, Бангладеш, Египет, Филипините, Сирија и Турција.