Свет
24. јуни 2020 - 21:31

Стејт департменот го објави годишниот извештај за тероризам во светот

 Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Стејт департментот го претстави годишниот изештај за проблемите со териризмот во светот за 2019 година. Извештајот дава анализи и информации поврзани со тероризмот за секоја земја одделно.

Помпео, на брифинг за новинарите, се осврна на успесите на САД во борбата со терористичките групи на Блискиот исток, и се задржа на ситуацијата во Венецуела.

Тој повторно ја истакна нелегитимноста на режимот на Мадуро. Ја подвлече и деструктивната улога на Иран и мерките за зауздување на техеранскиот режим применувани од страна на меѓународната заедница. Но, истакна тој, САД се спремни да дејствуваат еднострано ако тоа го налага ситуацијата. За новите санкции против Иран рече дека меѓународната заедница ќе ја разбере нивната важност.

За Либан, Помпео истакна дека владата на таа земја смогнува сили и способност да се спротивстави на Хезболах и затоа може да смета на поддршка од САД.

Околу односите меѓу Израел и Палестина, државниот секретар го искритикува раководството на Палестинците кое блокира секакви напори од САД за воспоставување дијалог меѓу страните.

Натан Сејлс, раководител на контратерористичкиот оддел во Стејт департментот, на брифингот истакна дека САД и партнерите постигнале големи успеси на планот на борбата со меѓународните терористички организации. Така, изјави тој, САД и меѓународната коалиција за борба со Исламската држава лани во март заврши со уништувањето на таканаречениот „калифат“ во Ирак и Сирија.

Од Стејт департментот укажаа на низа клучни успеси во борбата со тероризмот. Како на пример ликвидацијата на лидерот на ИД, Абу Бакр ал Багдади лани во октомври. Во април 2019 година САД ја признаа за терористичка милитантната организација Бригади на стражите на Исланската револуција во Иран, вклучително и нејзиниот елитен оддел „Кудс“.

Во извештајот се истакнуваат напорите на САД за решение на новите и тековните проблеми како репатријација на странските исламски џихадисти, посебно во Западна Европа; раширувањето на ограноците на ИД во Африка; терористичките закани на расна или национална почв, радикалните групи и организации кои прокламираат супремација на белата раса.

Во делот за Северна Македонија извештајот ja нотира соработката на нашата земја во контратерористичките напори на САД како член на Глобалната коалиција за пораз на ИД. Во извештојот се истакнува дека главната терористичка закана за Северна Македонија е „вратените странските терористички борци од Сирија и Ирак“.

-Властите на Северна Македонија оценуваат дека во земјата постои присуство на членови и симпатизери на ИД, се вели во документот.

Националниот Комитет за екстремистички и терористички противдејства оценува дека 156 државјани на Северна Македонија се придружиле на терористички групи од Сирија и Ирак. Од вкупниот број, 36 биле убиени, 37 останале а 83 се вратиле во Северна Македонија.

Се наведува дека властите на нашата земја имаат информации за неутврден број на членови на семејства на џихадисти кои живеат во бегалски кампови во Сирија.

Извештајот исто така истакнува дека Северна Македонија има адекватна правна рамка за прогон на индивидуи и групи осомничени за вршење или помагање на терористички активности или учество во војни во други земји.

Сепак, се укажува дека предизвик се благите казни за прекршоци поврзани со тероризам.

За Косово, во извештајот се вели дека Владата на лани извршила репотријација на четворица осомничени џихадисти и вратила 106 членови на семејства на џихадисти во Косово.

Потоа, се истакнува пресудата од приштински суд за шестмина обвинети за планирање терористички напади во Косово, Албанија, Белгија, Франција и Северна Македонија, вклучувајќи и самоубиствени напади против војници на КФОР, во ноќни клубови и во српски православни цркви. Првообвинетиот добил казна затвор од десет години.