Македонија
9. јуни 2021 - 16:31

Стасаа вакцините донирани од Турција, вакцинацијата оди бавно, фрижидерите речиси празни

Синовак пристигна во земјава, но не 500.000 вакцини од договорот со производителот туку 30.000 донација од Турција. Со оваа количина ќе се одржува процесот на имунизација да не запре, бидејќи последните 10 дена дневно прва доза добиваат околу 1500 – 2000 граѓани, а се користат само вакцините на Фајзер од кои одредена количина помалку од 12.000 се испорачуваат секој понеделник. 

-Денеска пристигнаа најавените 30.000 вакцини на „Синовак“ кои ги добивме како донација од Турција. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата. Благодарност до Република Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката и за брзата испорака на ветената количина која е многу значајна за нас, соопштија од Министерството за здравство.

Иако министерот за здравство пред една недела најави дека до 10-ти месецов треба да бидат испорачани половина милион вакцини Синовак преку директен договор со производителот, ниту денеска нема конкретна информација кога ќе пристигнат.

Од Министерството не добивме одговор ниту до каде се донациите од Грција и Бугарија на 70.000 вакцини Астра Зенека. Во меѓувреме македонски граѓани над 60 години кои првата доза ја примиле во Србија, а се пријавиле на ревакцинација.мк добиле термин во понеделник да дојдат за второто боцкање во салата Борис Трајковски.

И додека во земјава се чека поголема количина вакцини против Ковид, граѓаните претежно помлади масовно одат да се вакцинираат во сооседна Србија. Премиерот Заев го поздрави чекорот на северниот сосед да ги отворат вратите за имунизација на граѓаните од регионот.

Според податоците од здравство досега околу 10 проценти од граѓаните се комплетно вакцинирани во земјава, а ред за вакцина чекаат околу 170.000 лица.