Бизнис
4. November 2015 - 14:54

Станбените кредити со рекорден раст од над 18 проценти

Станбените кредити за само една година пораснале за 4,4 милијарди денари или за 73 милиони евра, што е рекорден раст од 18 проценти, покажуваат последните податоци на Народна банка.

Причина за ова, според банкарите, е падот на каматните стапки за станбените кредити, како и зголемениот раст на одобрени субвенционирани станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“.

- Кога каматните стапки паѓаат и се ниски, економските субјекти инвестираат во недвижности или во акции и на тој план гледаме придвижување во купување недвижнини од страна на македонските граѓани, бидејќи моментално каматните стапки за станбените кредити се едни од најповолните во поновата историја на Република Македонија, изјави Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“.

Тој додаде дека како „Шпаркасе банка“ веќе имаат станбени кредити со 10 години фиксна каматна стапка, а станбените кредити со  фиксна каматна стапка до пет години се веќе начин на работење на сите банки во Република Македонија.

Согласно податоците на Народната банка, најизразен е падот на каматите за станбените кредити одобрени во евра и тоа од 6,4 проценти на почеток од годинава на 5,6 проценти во септември.

Бишев очекува кредитниот раст да продолжи и во иднина. - Очекуваме со динамизирање, како на македонската, така и на европската економија, бидејќи Република Македонија е особено зависна од евро зоната која што спроведува монетарно олабавување, кредитниот раст и кредитирањето во Република Македонија во наредниот период да се одвива со позабрзано темпо, истакна Бишев. 

Значителен удел во досегашниот, но и во идниот раст на станбените кредити, се очекува да има и проектот „Купи куќа, купи стан“.

Според податоците од Министерството за финансии, за периодот од септември минатата година до септември годинава одобрени се субвенционирани станбени кредити во вкупен износ од околу 11 милиони денари.

- Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги мотивира, особено младите граѓани на Република Македонија, да бидат похрабри во решавањето на своето станбено прашање и веднаш по вработувањето да аплицираат за кредит за купување стан. Бидејќи имаат два модела, едниот е доколку потенцијалните купувачи не располагаат со учество, 50 отсто од учеството да го добијат од државата или пак да добијат и уште пониски каматни стапки преку субвенцијата што ја исплаќа државата за ратата за отплата на станбениот кредит, рече Бишев.

Владата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ дава субвенции и до 14 илјади евра. Овој бенефит досега го имаат искористено над 680 семејства.

Значајно е што во последните години цената на станбениот квадрат е намалена за околу 100 евра, што за стан од 50 метри квадратни значи директна заштеда од 5.000 евра.