Македонија
8. October 2020 - 19:55

Средношколците од ученичкиот дом во Битола мака мачат да следат он-лајн настава

Станиша Станковиќ од Кавадарци е ученик во четврта година во средното медицинско училиште во Битола и е сместен во ученичкиот дом „Мирка Гинова“ кој се наоѓа веднаш до училиштето. Тој денеска си замина дома за да може утре да се вклучи на онлајн наставата бидејќи интернетот во ученичкиот дом е со слаба конекција и често не успеваат да се вклучат. Апелира до надлежните што побрзо да се реши овој проблем.

-Интернетот е малку слаб заради недоволната интернет конекција па така не можеме често да се вклучуваме на онлајн настава, но се надеваме на брзо решавање на овој проблем. Интернет има најчесто на долниот кат или пак трошиме наш интернет. Утре од дома ќе се вклучам се со цел оние ученици кои мора да останат тука да им биде подостапен интернетот, рече Станиша Станковиќ, претседател на средношколската заедница на медицинското училиште Битола..

Станиша вели дека барем сега на почетокот протоколите максимално се почитуваат од сите страни, а и повеќе им се исплаќа да седат во домот отколку постојано да патуваат.

-Додека не се вклучи целосно интернет, оние денови кога имаме онлајн настава да ја следиме дома, кога имаме практичен дел, да доаѓаме тука и оттука да ја следиме онлајн наставата. Нас повеќе ни одговара да седиме тука, се со цел да не патуваме по автобуси и да не ја шириме заразата бидејќи има голем замав на новозаразени, рече Станиша.

Од МОН за Сител велат дека заради подобрување на квалитетот и достапноста на интернет во ученичките/студентските домови и основните/средните училишта,  постапката за обезбедување на интернет се децентрализира. Секој ученички или студентски дом, како и основните општински и средни училиште се одговорни за обезбедување интернет за своите потреби и потребите на учениците/студентите, велат од министерството. 

Велат дека постојано комуницираат со општините и директорите на училиштата за решавање на предизвиците кои ги носи новата учебна година. Многупати апелирале дека е потребна максимална заложба од сите засегнати чинители во образовниот процес, бидејќи само така ќе се обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите ученици, велат од Министерството за образование.

Се обидовме да ја контактираме директорката на ученичкиот дом, но на нејзиниот телефон се вклучуваше говорна пошта.