Македонија
19. August 2020 - 16:41

Средношколците најавуваат бојкот на наставата или протести

Протести или бојкот на наставата? Средношколците се мобилизираат против начинот на реализација на новата учебна година. Бараат комбиниран модел и тврдат дека не биле вклучени во носењето на одлуката. Сојузот на средношколци конечната одлука ќе ја донесе в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.

- Дали ќе имаме бојкот на наставата од први септември или ќе организираме протести за оваа одлука, вели Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.

Средношколците велат дека надлежните 3 месеци не сториле ништо за подобрување на наставата од далечина, но и за безбедно враќање во училиште. Нивна цел е да се следат препораките на УНИЦЕФ и училишатата да работат со комбиниран метод. За тоа сојузот подготвил и посебна програма.

Во изминатиот период направиле и истражување помеѓу членовите. Само 7,9 отсто од средношколците сметаат дека онлајн наставата е целосно ефикасна. 59 проценти сметаат дека не секој има доволен пристап до потребната опрема, дури 84 отсто побарале полесен пристап до услугите за менталното здравје, што ги нудат училиштата. Но, како што велат, и туку наишле на затворена врата.

Министерството за образование нема унифицирана платформа за онлајн настава која ќе ја користат сите училишта. До школите доставиле предлог платформи, но училиштата сами да си одберат која ќе ја користат. Дури сега Министерството за информатичко општество се обидува да ја добие плаформата „Microsoft 365“ за да можат да ја користат сите училишта.

Од МОН велат дека заедно со Бирото за развој на образованиет со помош на УНИЦЕФ се прават напори за изработка на уникатна македонска платформа.