Македонија
26. July 2017 - 19:46

Средби на Груевски со амбасадорите Петков и Герет

Република Македонија има интерес за развивање и продлабочување на односите со соседна Република Бугарија, бидејќи е заемен интерес натамошниот прогрес на земјава во евроатлантските инеграции, беше заклучено на денешната средба помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и амбасадорот на Република Бугарија Иван Великов Петков.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Петков на средбата посочи дека со потпишување на договорот за добрососедство се затвора исклучително важно прашање, а Македонија добива уште еден партнер и поддржувач во нејзините напори за членство во ЕУ и НАТО.

Груевски, пак, позитивно ја оцени волјата на Република Бугарија да помогне во остварување на овие цели, бидејќи тие се приоритет и на ВМРО ДПМНЕ. Воедно посочи дека ВМРО ДПМНЕ напорно работеше во приближувањето на ставовите на двете земји за потпишување фер договор. Но, според него, поради нетранспарентноста во која актуелната влада го водеше процесот, сега се вознемирува и општата и стручната јавност.

- Како партија ВМРО ДПМНЕ даде неколку конструктивни предлози кои доколку се вградат во финалната верзија, значително би го подобриле договорот и би биле јасен показател за искреноста на двете страни во подобрувањето на односите, посочи Груевски.

Дополни и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе заземе став за договорот откако партијата ќе ја има на увид неговата финална верзија и откако таа ќе биде анализирана во партиските тела и комисии.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ се сретна и со амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет при што особено го истакна значењето на брзото зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО и очекувањето западните партнери да дадат максимален придонес во оваа насока.

- На средбата беше разговарано за повеќе актуелни теми со посебен осврт на незаконските чистки и бруталната партизација која што СДС ја спроведува во сите области. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја потенцираше политичката злоупотреба на СЈО и континуираните притисоци врз судовите за носење одлуки нои не се базираат на аргументи и на право. Исто така, се разговараше и за притисоците врз медиумите кои резултираа со неизбалансирано информирање исклучиво во полза на владеачката коалиција што го загрозува правото на јавноста да добива точни и проверени информации за прашања кои се од интерес на граѓаните, наведува партијата.