Македонија
19. November 2015 - 15:50

Средба со урбаните и месни заедници во општина Карпош

Градоначалниците на Скопје Коце Трајановски и на Карпош Стевчо Јакимовски денеска одржаа средба со претставници на урбаните и месните заедници од општина Карпош, во рамки на тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје.

Како што соопшти Град Скопје, пред почетокот на средбата, градоначалниците Трајановски и Јакимовски, извршиле увид во работата на терен на јавните претпријатија, кои на подрачјето на општината реализираат активности од нивна надлежност.

- Ова е редовна средба со службите на општината и претставниците на урбаните и месните заедници каде што дискутираме за работата на градската администрација и работата на јавните претпријатија. Овие 3 дена екипи на јавните претпријатија со поголем интензитет ќе работат на територијата на Општина Карпош каде што ќе извршуваат акции и работи од делокругот на нивните надлежности. На оваа средба очекуваме доста конструктивни дискусии и предлози околу функционирањето на нашите служби од урбаните и месните заедници и тие да ни дадат оцена за досегашната работа, како и насоки за понатамошното функционирање, кажа градоначалникот Трајановски.

Тој ја потенцираше одличната соработка со службите на општина Карпош и градоначалникот Јакимовски, што резултира со реализацијата на голем број  капитални проекти во оваа општина изминативе години, а се осврна и за планираните проекти кои ќе се реализираат во наредниот период.

- Наредната година ќе започне реализацијата на проектот за изградба на кружен тек на булевар „8 Септември" кај Хубо маркет, изградбата на фекална канализација на улица „Московска"  по должината на  булеварот „Партизански одреди", а во моментов се прави проект за реконструкција на булеварот „Партизански одреди" на потегот од улицата „Френклин Рузвелт" до  булеварот „8 Септември", изјави Трајановски.