Македонија
22. April 2016 - 19:35

Средба Попоски-Коѕијас во Солун

Билатералните и економските односи меѓу Македонија и Грција, напредокот во спроведувањето на мерките за градење доверба и проблемите во регионот беа главните теми за кои денеска во Солун разговараа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕијас.

Коѕијас пред средбата со Попоски потврди дека нема да се разговара за прашањето за името, како што и вчера, шефот на македонската дипломатија изјави дека во моментов нема услови во двете земји да се разговата за наметнатиот спор.

Но, затоа двете земји продолжуваа со средбите за мерките за градење доверба, за што политичкиот директор во грчкото МНР, Петрос Мавроидис на 25 април во Скопје ќе присуствува на третата рунда разговори. Досега се договорени 11 и се додаваат две нови мерки за подобрување на развојот на економските и општествените врски, потврди Коѕијас

На состанокот посветен на мигрантската криза, пак Попоски рече дека има сериозно подобрување во соработката и комуникацијата помеѓу двете полиции и во дипломатските канали, што не значи дека кризата автоматски ќе се реши.

-Но, треба да бидеме свесни дека денес се уште, активисти, НВО-и, шверцери со луѓе соработуваат преку границите на полесен начин отколку државите. Мислам дека една од пораките што ја испраќаме од овие средби е дека ќе ги координираме нашите напори, ќе се обидуваме да избегнуваме решенија кои се на штета само на една земја. Во овој случај мислам дека заедно треба да испратиме јасна порака, тоа е нашата улога, тоа е како ние гледаме од македонска перспектива, да испратиме јасна порака дека рутата низ Балканот за мигрантите нема да се одвива како во 2015-та‘‘, изјави Попоски пред министрите.

Според Попоски, една од главните работи кои треба да ги преземе Грција дислоцирање на мигрантите од Идомени, бидејќи продолжување на нивниот престој во шатори на самата гранична линија е всушност повик за создавање проблеми, гранични инциденти и бизнис можности за шверцерите на мигранти.