Македонија
6. November 2019 - 18:18

Средба на претседателот Пендаровски со членови на Сенатот на Италија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Италија денеска во Рим имаше средба со сенаторот Еторе Личери, претседател на Комитетот за Европски прашања, сенаторот Лучијано Д’Алфонсо, претседател на групата за пријателство со Интерпарламентарната унија, како и со членови на Комисиите на Сенатот за надворешни работи, одбрана, европски прашања и на групата за соработка со Република Северна Македонија.

На средбата беа констатирани одлични билатерални односи во многу области од заемен интерес, засновани врз меѓусебна доверба, почит и разбирање на повеќе нивоа на институционално партнерство, соопшти кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски ја нагласи важноста за натамошно интензивирање на соработката во рамките на парламентарните групи, како еден од суштинските аспекти во зајакнувањето на севкупната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Италија. Во тој контекст, подвлече Претседателот, нашата држава високо ги цени искуствата коишто произлегуваат од богатата италијанска парламентарна традиција и практики.

Осврнувајќи се на одлуката на Советот на Европската Унија да не ги започне преговорите за пристапување на Северна Македонија во Унијата, претседателот Пендаровски истакна дека, иако неповолна, ваквата одлука не смее да биде демотивирачка за нас, бидејќи како што подвлече, европеизацијата на нашата држава е неповратен процес за којшто постои јасен државен консензус, и за нас, друг одржлив алтернативен модел нема. Претседателот нагласи дека сите политички чинители во Северна Македонија имаат обврска да ги спроведуваат обврските коишто произлегуваат од европската агенда во интерес, пред сè, на граѓаните.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство за јасната и безрезервна поддршка, којашто во континуитет и ја дава Италија на Северна Македонија, во однос на нашите евроатлантски интеграции и се заблагодари за ратификувањето во италијанскиот парламент на Протоколот за членство на земјата во НАТО.