Македонија
18. January 2022 - 16:25

Средба на претседателот Пендаровски со бугарскиот премиер Кирил Петков

Претседателот Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Северна Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните.

Во однос на отворените прашања меѓу двете земји, претседателот посочи дека е потребно враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија во духот на добрососедството и почитување на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.

Тој додаде дека отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.