Македонија
13. March 2019 - 18:14

Средба на претседателот на Собранието Џафери со Калин Попеску Таричану, претседател на Сенатот на Романија

По ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО алијансата во Сенатот на Романија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери оствари билатерални средби со претседателот на Сенатот на Романија, Калин Попеску Таричану и со потпретседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Романија, Флорин Јордаке.

Како што соопшти собраниската прес-служба, домаќинот Калин Попеску Таричану упатил честитки до Република Северна Македонија за напредокот и заокружените рефорсмки процеси. Тој истакнал дека денешната едногласна одлука на Сенатот за поддршка на членството на нашата земја во Алијансата уште еднаш ја потврдува силната заложба на Романија, Република Северна Македонија да стане полноправен член на Алијанса и да добие датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, особено за време на претседавањето со Советот на ЕУ.

Џафери на средбата искажал благодарност за поддршката од Сенатот на Романија, која поддршка денеска се запечати со едногласното гласање за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО. Тој посочил дека Република Северна Македонија ја смета Романија за пријателска земја која може да придонесе во размена на искуства и експертиза во однос на одговорностите кон НАТО како земја членка, и во однос на процесот за отпочнување на преговорите со ЕУ.

На средбата со потпретседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Романија, Флорин Јордаке станало збор за зајакнувањето на билатералната и мултилатералната соработка меѓу Романија и Република Северна Македонија.

Потпретседателот Јордаке истакнал дека средбата ја гледа како поттик за понатамошен развој на меѓупарламентарната соработка меѓу двете земји, која се карактеризира со висок степен на пријателство и конструктивен дијалог.

Претседателот на Собранието, Џафери посочил дека одличната соработка меѓу двата парламенти треба да продолжи и во иднина и истакнал дека секогаш постои простор за интензивирање на комуникацијата и соработката, посебно на ниво на Пратеничките групи за соработка во двата парламенти.

Во оваа прилика Џафери се заблагодарил за поддршката што ја добиваме од Романија и го информирале потпретседателот Јордаке за ратификацијата на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас-медиумите, младите и спортот во Собранието на Република Северна Македонија.

За време на средбите присуствувала и пратеничката во романскиот Парламент со македонско потекло, Маријана Венера Попеску.

Претседателот на Собранието Џафери во оваа пригода упатил покана до домаќините за возвратна посета на Република Северна Македонија.