Македонија
15. August 2017 - 14:38

Средба на Османи со амбасадорите на земјите од Западен Балкан

Регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан, како еден од условите за напредок во евроинтегративниот процес кој е од заеднички интерес беше во фокусот на разговорите на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи со амбасадорите и нивните претставници, на земјите од Западен Балкан што се одржа во просториите на Секретаријатот за европски прашања. На средбата присуствуваа претставниците од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Црна Гора и Република Србија.

Како што соопшти СЕП, оваа иницијатива на вицепремиерот Османи, за редовна координација на земјите од Западниот Балкан во интерес на европската перспектива, беше поздравена од страна на сите претставници, кои изразија задоволство и надеж дека таа ќе прерасне во редовна комуникација и координација, со цел поуспешно адресирање на заедничките интереси на земјите во насока на забрзана европска интеграција на регионот. 

- Регионалната соработка, покрај големото значење за европските перспективи, значи и зголемена економска, културна и општествена размена, што, пак, самото по себе претставува важна придобивка за граѓаните на нашите земји, истакна Османи, се наведува во соопштението.

Тој, се додава, посочи дека од заедничкиот интерес е и соработката во рамките на Берлинскиот процес, која претставува значајна иницијатива за регионално инфраструктурно и економско поврзување на земјите од Западниот Балкан, како важни одредници за европските перспективи на земјите.

На средбата, се наведува, разменети се искуства и мислења за начините на кои може да се зголемат капацитетите на земјите за поголема абсорпциона моќ за искористување на ИПА средствата, како и евентуалните последици врз ИПА фондовите со намалувањето на буџетот на Европската Унија по завршувањето на процедурата БРЕГЗИТ.

- Учесниците изразија подготвеност за меѓусебна соработка во насока на подигање на гласот за отстранување на заканите за намалување на фондовите за земјите аспиранти за влез во Унијата, со цел зачувување на фокусот кон евроинтеграциите во овие земји, стои во соопштението од СЕП.

Средбата претставува прва од серијата предвидени редовни координативни состаноци со амбасадори на земјите од Западен Балкан, која е наменета за размена на информации од заеднички интерес.