Македонија
3. January 2017 - 12:17

Средба на градоначалникот Трајановски со бездомни лица

Градоначалникот  на Град Скопје Коце Трајановски денеска одржа состанок со бездомни лица заинтересирани и мотивирани да бидат работно ангажирани.

- На состанокот со лицата се разговараше за нивното претходно работно искуство и за можностите за нивно вработување и активно придонесување во општеството, соопштија денеска од Град Скопје.

Оттаму информираат дека до сега, во 2016 година со поддршка на Град Скопје, работно се ангажирани осум лица во јавните претпријатија, а таа практика Градот планира и во иднина да ја продолжи и да им помага на оваа категорија граѓани.

- Со континуирана грижа и вработување на нови лица значително се подобрува квалитетот на животот на овие граѓани во ризик, жители  на Град Скопје, се додава во соопштението.

На состанокот активно учествуваше и претставник на Црвен крст на Град Скопје, координатор на активностите на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток, кој, исто така, секоја година е поддржан со 500.000 денари од буџетот на Град Скопје.