Свет
27. јуни 2016 - 12:24

Средба Меркел-Оланд-Ренци во Берлин околу Брегзит

Германскиот канцелар Ангела Меркел се среќава денеска во Берлин со францускиот претседател Франсоа Оланд и со италијанскиот премиер Матео Ренци, во врска со активностите на ЕУ, по одлуката на мнозинството британски гласачи за напуштање на Унијата.

На берлинската средба, која ќе се одржи пред утрешниот вонреден Самит на сите 27 земји членки најавено е учеството и на претседателот на Еврпскиот совет, Доналд Туск.

Средбата е дел од забрзаните активности на европската дипломатија околу Брегзитот и таа доаѓа по изјавата на францускиот претседател Оланд дека Париз и Берлин се „целосно обединети“ околу британската одлука.

Пред разговорите со Меркел, Оланд рече дека тие двајцата се согласни за тоа како Унијата да се справи со новонастанатата ситуација.

Целта на денешната тројна средба во Берлин е да се договори начинот, со кој извлекувањето на Велика Британија од ЕУ би било побезболно и сосема безбедно за иднината на Унијата.

Самитот во вторник пак би требало да го покаже единството на целата Унија, по одлуката на британските гласачи.

Неколкумина европски министри за надворешни работи побараа заминување на Британците, по забрзана постапка, објаснувајќи го тоа со потребата од побрзо затворање на целиот процес, но официјален Берлин, изгледа дека не го дели тоа мислење.