Балкан
5. December 2018 - 10:29

Србија: Прва телевизија,О2 ТВ и сајтот Б92 продадени за 180 милиони евра

Компанијата Антена група, водечка медиумска корпорација во југоисточна Европа, во чија сопственост се Прва телевизија, О2 ТВ, Прва ТВ Црна Гора, Плеј Радио, шест кабловски канали и три портали прва.рс, о2тв.рс и б92.нет, вчера постигна договор со бизнисменот Срѓан Миловановиќ за преземање на 100 проценти од основачките права на Антена групата во Србија и Црна Гора.

Вредноста на аквизицијата изнесува 180 милиони евра, соопшти Антена група.

Постапката за издавање дозвола од страна на регулаторните тела е во тек, стои во соопштението.

Кон крајот на 2009 година Антена група ја презеде Фокс телевизија во Србија, а во септември 2010 го смени називот во Прва српска телевизија. Како што наведуваат, промената на основачките права е дел од деловната стратегија на компанијата Антена група, која понатаму ќе се фокусира на развој на основната дејност и работење.

– Групацијата со овој деловен потег оствари импресивен успех. Во времето на купувањето на Фокс телевизија во Србија 2009 година, станицата имаше само четири отсто удел во пазарот, а денес, осум години по сериозни вложувања и континуирано ширење на дејноста, медиумската куќа има дури 45 отсто удел во пазарот и е една од најздравите медиумски компании во земјата, пишува во соопштението.

Тие додаваат дека Срѓан Миловановиќ поседува богато искуство во медиумското и телекомуникациското работење, и дека аквизицијата претставува предизвик кој „позитивно ќе влијае врз целокупниот развој на медиумскиот пазар на Србија“.

– Со големо задоволство најавувам преземање на една од најпрестижните медиумски куќи во Србија и Црна Гора, која цели осум години ја креираше и водеше одличен домашен тим под воство на Антена групата. Имајќи го предвид беспрекорниот имиџ и одличните резултати на работењето на медиумскиот гигант, целите и плановите ќе се движат во насока на суверена изградба и понатамошен развој на оваа угледна медиумска куќа, зголемување на продукциските капацитети и ширење на медиумската платформа, изјави Миловановиќ.

Тој додаде дека „амбициозните планови за јакнење на лидерската позиција на компанијата, во земјата и во странство, ќе ги спроведува истиот тим луѓе кои важат за врвни професионалци и едни од најдобрите во српската медиумска индустрија“.

На темава се огласи и Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН)  која исто така соопшти дека корпорацијата Коперникус, во сопственост на братот на функционер на Српската напредна партија, ги купи телевизиите Прва и О2, потсетувајќи дека тоа се случува откако својот кабелски оператор Коперникус технолоџи, кој е втор по големина кабелски оператор во Србија, го продаде на државната телекомуникациска компанија „Телеком“ за речиси 200 милиони евра.

Сопственикот на корпорацијата Коперникус, Срѓан Миловановиќ, за БИРН потврдил дека е постигнат договор со Антерна групата, сопственик на овие две телевизии.

– Сега антимонополската комисија мора да го одобри тоа, но тоа е само формалност, затоа што Антена нема 40 отсто удел на пазарот, рекол Миловановиќ за БИРН.

Компанијата на Миловановиќ се поврзува со владејачката Српска напредна партија, затоа што неговиот брат, Звездан Миловановиќ, е функционер на партијата, наведува БИРН.

Лидерот на опозициската Алијанса за Србија, Драган Ѓилас, ја обвини државната компанија Телеком Србија дека е вистинскиот купувач на телевизиите Прва и О2, а Коперникус Корпорацијата е само формален купувач. Тој изрази загриженост дека медиумскиот плурализам во Србија се влошува.

– Ако досега имаше барем малку светлина и таа ќе се изгасне, напиша Ѓилас на Твитер.