Балкан
5. April 2018 - 14:29

Србија и САД не се согласуваат за Косово, но дијалогот треба да продолжи

Претседателот и премиерката на Србија, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ денеска во Белград на одвоени средби го примија вршителот на должност заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Метју Палмер, со кого разговараа за важноста на долгорочното пријателство меѓу Србија и САД и заложбата на двете земји за понатамошно развивање на нивните билатерални односи.

Како што соопштија од Кабинетот на српскиот претседател, Србија и покрај несогласувањето околу ставовите за Косово, во отворениот разговор Вучиќ и Палмер се согласија дека нормализацијата на односите меѓу Белград - Приштина е од клучно значење, не само за процесот на пристапување во ЕУ, туку и за регионалната стабилност и  просперитетот на народите во регионот.

Двајцата соговорници истакнаа дека сега е клучниот период за идниот развој на Србија, особено кога станува збор за напорите и тенденциите да стане полноправна членка на Европска унија. Американскиот претставник посочи дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Србија за влез во ЕУ.

- Српскиот претседател и американскиот претставник ја истакнаа и важноста од добрососедските односи во регионот и се согласија дека тие придонесуваат за стабилноста, се наведува во соопштението.

Вршителот на должност заменик помошник државен секретар Палмер, вети континуираната поддршка од САД за дијалогот Белград - Приштина со посредство на ЕУ на кој било начин, што учесниците во дијалогот го сметат за корисен.

Во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател се наведува дека Вучиќ и Палмер се согласија дека мирољубливите разговори и целосното спроведување на постигнатите договори се клучни за постигнување на одржливо решение.

Српската премиерка Брнабиќ на средбата со Палмер наведе дека Србија очекува од меѓународната заедница да го осуди насилството на приштинските безбедносни сили при апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ и на нападите врз српските претставници, цивили и новинарите.

Палмер оцени дека од највисокиот интерес на САД е зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан. Тој изрази незадоволство од неодамнешните инциденти во Косово и ја истакна важноста од продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.

Според него, спроведувањето на договорот и дијалогот е единствениот начин да се изнајде конструктивно решение.

Брнабиќ  потсети дека Србија ги исполнила сите обврски од Бриселскиот договор и дека истото го очекува и од Приштина. Таа уште еднаш ја истакна важноста од формирање на Заедницата на српски општини, додавајќи оти Белград е подготвен да го продолжи дијалогот со Приштина.

На средбата со Брнабиќ, Палмер истакна дека САД тежнеат да ја продолжат позитивната динамика на билатералните односи со Србија. Според него, визијата за Србија од САД е иста, а тоа е стабилна и просперитетна Србија во Европската унија, се наведува во соопштението од кабинетот на српската премиерка.