Балкан
21. October 2016 - 8:44

Србија добива нова опозиција

Што е Граѓанскиот фронт и како планираат да ја сменат власта

Блиц - Белград

Новооснованиот Граѓански фронт на Србија се декларира како „единствена здрава опозиција во државата”, а најверојатно директно или индиректно ќе учествува на претстојните претседателски избори, бидејќи во оваа организација порачуваат дека „се многу заинтересирани за тоа кој ќе биде новиот претседател”.

Уште е рано, велат во овој фронт, да се зборува на кој начин ќе настапат на претстојните избори идната година.

- Ќе видиме дали ќе имаме свој кандидат или ќе поддржиме некој друг, но многу не интересира кој ќе биде нов претседател на државата и кога ќе престане оваа алчност на елитата. Ние моментно сме единствена здрава опозиција, која корективно и сугестивно укажува на сите форми на кршење на законите од страна на власта, потенцира Предраг Воштиниќ од Локалниот фронт во Краљево, една од седумте организации кои се обединија во Граѓанскиот фронт на Србија.

- Владејачката елита повеќе не ги слуша апелите на граѓаните во барање на работа, леб и права. Ние повеќе не живееме во политичко уредување, туку од лични партиски интереси. Граѓаните не учествуваат во демократијата која не постои ниту директно, ниту индиректно. Сите прашања се решаваат во партиските средини. Луѓето од владејачките партии ги контролираат и злоупотребуваат јавните ресурси и фондови, потенцира Воштиниќ.

Ѓокица Јовановиќ, еден од лидерите на нишкиот УПСС, порача дека Граѓанскиот фронт сака „политиката да ја врати на автентичните актери, на граѓаните”.

- Ние се наоѓаме во претполитички период, бидејќи граѓаните не одлучуваат, туку во нивно име тоа го прават политичките партии. Обединети имаме шанси во Србија да основаме фронт кој на граѓаните ќе им го врати правото сами да одлучуваат за себе, потенцира Јовановиќ.

Долг пат до гласови на изборите

Од друга страна, Бојан Клачар од ЦЕСИД смета дека Србија се уште не добила нова опозиција.

- Сите овие организации во Граѓанскиот фронт направија чекор поблиску до политички ангажман. Меѓутоа, долг е патот од поддршката во средините, до гласовите на изборите. Тие моментно имаат потенцијал локално, но им треба многу работа, борба, инфраструктура и промовирање на лидери за да успеат на изборите. И „Отпор” своевремено имаше општи симпатии, но не им беше лесно да дојдат до политичка поддршка, објаснува Клачар.

И политикологот Владимир Гоати смета дека Граѓанскиот фронт го чека долг пат за да стане значајна политичка опција.

- Нема партија без силно лидерство, посебно што процесот на идентификација со партија долго трае и се мери со генерации. Моментно живееме во периодот на номадите каде на неколку месеци се прескокнува од една во друга партија, истакна Гоати.

Локалниот фронт од Краљево, Здружението на претседателите на собранијата на станарите во Ниш (УПСС), Бирото за општествени истражувања од Белград, Движењето „Поддржи ја РТВ“ од Нови Сад, Лигата на Ромите, Мултиетничкиот центар за развој на регионите „Дунав 21“ од Бор и Иницијативата „Да не го да(ви/ва)ме Белград“ од Белград, се обединија во Граѓанскиот фронт на Србија.

Во Иницијативата „Да не го да(ви/ва) ме Белград” истакнуваат дека фронтот е логична последица на повеќегодишната соработка на движењата од цела Србија против безобѕирната елита.

- Продолжуваме да се бориме за нашите граѓани на кои елитата им зема се: од земјиштето, па до комуналните услуги, вели Радомир Лазовиќ од оваа иницијатива.