Македонија
2. January 2020 - 8:22

Според најавите утре техничка влада, денеска се очекува решение за техничкиот министер за внатрешни работи

Земјава во престојниот период, барем како што е најавено од утре, доколку се испеглаат разликите околу предлогот за технички министер за внатрешни работи и доколку се реализираат сите процедури, ќе биде предводена од техничка влада се до изборите, за кои е постигнат договор да се одржат на 12 април.

Концептот техничка или пржинска влада беше воведен по кризата која настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.

Овој концепт, кој сега е и законска обврска, е дел од Пржински договор кој во 2016 година го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Заев, кој тогаш беше во опозиција и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.

Сега неколку години подоцна, откако Македонија не доби зелено светло за почетокот на преговорите на самитот на ЕУ во октомври, Заев, сега како премиер, се одлучи да замине на предвремени избори.

Техничка влада се формира сто дена пред  избори, а премирот Заев најави дека на 3 јануари ќе поднесе оставка од премиерската функција. Според процедурата Парламентот ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада, а потоа претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во перидот до изборите и формирање на новата влада.

Спасовски го прифаќа предизвикот, сепак не и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи и иден мандатар за техничката Влада Оливер Спасовски вели тој начелно нема проблеми со предложените технички министри од страна на опозицијата, со исклучок на техничкиот министер за внатрешни работи за кој смета дека ќе придонесе за милитаризација на МВР.

Спасовски вчера за време на посетата на Тетово изрази верување дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи Министерството за внатрешни работи. На новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата тој одговори потврдно.

-Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени сме да продолжиме со таква динамика и со посветеност да работиме за граѓаните во предизборниот период, затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите и да има застој во реформите. Напротив треба енергично, цврсто да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Македонија, истакна Спасовски.

Тој и вчера и и изминатите денови остана на ставот дека мора да се почитува Уставот и оти предлогот за министер за внатрешни работи не смее да отстапува од она што е пропишано во највисокиот правен акт.

-Како иден мандатар мислам дека еден од главните принципи е да го почитуваме Уставот и во тој поглед воопшто немаме дилема дека тоа треба да биде пред се и над се. Второ, кога размислуваме за овој кандидат размислуваме и за милитаризацијата на МВР, а тоа воопшто не е потребно во демократска држава и демократско општество, смета Спасовски во врска со предлогот на опозицијата,

ВМРО-ДПМНЕ минатата сабота го предлоќи Драган Ковачки за нов технички министер за внатрешни работи, а кај власта предлогот отвори дилема дали е во согласност со Уставот, откако беше истакнато дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.

Заев, по саботната средба со Мицкоски, наведе дека станува збор за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР.

ВМРО-ДПМНЕ како што беше најавено на почетокот на неделава денеска треба да пресече во однос на Ковачки. Заев, како што објавија медиумите на 31 декември, во телефонски разговор му кажал на Мицкоски да предложи ново име за технички министер за внатрешни работи до денеска, додека останатите кандидати на опозицијата се прифатливи за власта.

А лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера на првиот ден од годината се сретна со членови на неговиот кабинет и со кандидатите за министри и заменици министри предложени од неговата партија во техничката влада за спроведување на предвремените парламентарни избори.

Мицкоски на својот фејсбук профил објави видео од средбата, но на него го нема предлогот за технички министер за внатрешни работи, Ковачки.

-Ветив работа и жилава посветеност која мора да донесе реални резултати затоа што народот не смее да биде разочаран, а илјадници судбини чекаат подобри времиња и промени, заедно да работиме за Македонија која се обновува. Тоа е голема одговорност која ја прифаќам. За добар почеток на годината, на состанок со мојот кабинет и луѓето кои ќе имаат одговорна задача во техничката влада да ја заштитат народната волја. Новата година носи надеж, шанса и промени кои ќе донесат обнова. Нека е среќна и бериќетна, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на фејсбук профилот.

Техничката влада треба да ги спроведе предвремените избори

Техничката влада која се очекува да биде избрана на 3 јануари, треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори.  Во преодната влада опозицијата, освен министер за внатрешни, добива и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.

На седниците на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ на 27 минатиот месец Спасовски беше избран за технички премиер, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска за вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев. Избрани беа и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада – Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријејљ – во МТСП.

ВМРО-ДПМНЕ за министер за труд и социјална политика во техничката влада ја предложи Рашела Мизрахи, за заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, за заменик – министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и за заменик-министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски.

Рашела Мизрахи докторирала на Универзитетот Бар Илан во Израел, каде станува доктор на науки по биохемија, Трипуновски работел во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник, Димитриеска Кочоска е магистер по економски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е вработена во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии, додека Стаменковска Стојковски е актуелна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Концетот техничка Влада и потребата од него

Се уште актуелниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев за МИА изјави дека дебатата за ставање крај на инструментот „техничка влада“ треба да се покрене заедно со дебатата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи.

Тој потсети дека техничката влада, позната и како „пржинска влада“ е модел на избор на влада, кој беше вграден во измените на Законот за влада по сериозната политичка криза што ја предизвика режимот.

– Заради недовербата во институциите, што дојде како резултат на автократското владеење на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година, е предвидено 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна влада за спроведување на парламентарните избори, предводена од нов премиер, кој го номинира владејачката партија. Тоа е таа наследена процедура за која сум уверен дека треба колку што е можно поскоро да разговараме за да договориме еден сосема поинаков модел на обезбедување доверба во изборните процеси, истакна Заев за МИА.

Тој изрази надеж дека техничката влада нема да биде злоупотребена од страна на сегашната опозиција.

– Искрено се надевам дека техничката влада нема да биде злоупотребена од страна на сегашната опозиција за да не ни се случи одолговлекување на преодниот период до изборите или на периодот после нив. Потсетувам дека тие сега влегуваат во Влада и дека имаат одговорност да обезбедат Владата да продолжи да работи исклучиво за интересите на граѓаните. Техничката влада ќе ја раководи премиер на СДСМ и ние ќе направиме сѐ што треба за да се организираат фер, демократски и ефикасни избори кои ќе обезбедат брза и легална институционална постапка за избор на нова влада во процес кој нема да му наштети на бизнисот и на економскиот раст на земјата кој бележи силен нагорен тренд, нагласува Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за МИА потенцира дека ни е потребна техничка влада која, како што рече, треба да обезбеди минимум амбиент за демократско изјаснување, во услови на силно политиканство на власта, и скапо платена пропагандна машинерија која треба црното да го претстави за бело.

Според него, актуелната Влада се обидува да изврши целосна партизација на администрацијата и вработувања кои треба да овозможат повеќе партиски кадри пред изборите. Тој е убеден дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада ќе го дадат својот максимум за придвижување на процесите и обезбедување на фер избори.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети за МИА вели дека актуелното решение за техничка влада сто дена пред избори било производ на специфичните тешки околности во минатото, а за евентуална промена на овој модел потребна е согласност од сите што учествувале во процесот.

– Актуелното решение беше производ на специфичните тешки околности, кои што посакувам никогаш да не се повторат и сепак, за да се променат ќе треба да се постигне согласност од сите што учествуваа во процесот, кој беше олеснуван од меѓународната заедница, нагласува Ахмети.

За Ахмети, техничката влада влева доверба во изборниот процес и општо прифаќање на изборните резултати од сите страни. Сепак, со мнозинството кое што го сочинува составот на техничката влада, можно е заокружување на реформскиот процес доколку се има волја за консензус, истакна лидерот на ДУИ.

Во врска со тоа дали ќе има застој во бизнисот, во реформските процеси, дали техничката влада ќе придонесе за поголема соработка на власта со опозицијата или ќе биде уште една дополнителна арена за меѓусебни препукувања, лидерите на три партии сметаат дека таа влада ќе придонесе за зголемување на довербата во изборниот процес. Тие се подготвени на меѓусебна соработка во насока на спречување на евентуален застој и во бизнисот и во реформите, велат ќе работат во интерес на граѓаните.

Емил Димитриев, прв технички премиер

Емил Димитриев, кој беше прв технички премиер, неодамна изјави дека не сака да се меша во персонални решенија и не сака да шпекулира, но, вели дека посакува техничката влада да си ја одработи својата работа, а тоа е првенствено организирање и спроведување на предвремените избори и да добиеме нова влада која ќе се справи со сите предизвици со кои се соочуваме.

– Овој облик на техничка Влада, по мое мислење, е за општества кои немаат соодветен степен на демократија и независност на институциите. Ова е решение за општества каде што политиката има силно влијание во институциите и со техничката Влада главна цел е да се направи колку толку баланс помеѓу влијанието на политичките партии и затоа се одбрани министерства кои во суштина имаат широк допир со поширока јавност и што може да влијаат во дадени избори, вели Димитриев.

Важно е, додаде тој, овој тип на влади да трае онолку колку што е предвидено – три месеци и ниту ден повеќе, бидејќи работењето на овие влади во други околности е многу комплицирана ситуација.

Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на премиерот Собранието избира нова, преодна Влада. Главна задача на техничката влада, предводена од техничкиот премиер, е да ги организира изборите.

Согласно законот техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања
или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во МВР, а може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Мандатот на техничките министри и замениците-министри трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што тој им престанува по сила на закон.