Македонија
8. January 2021 - 17:35

Спасовски: Заменик министерот Буши ја плати казната, ја научи лекцијата и сега носи маска

500 евра казна за организирање на роденденската забава на лидерот на ДУИ, Ахмети заработи Артан Груби како одговорно лице во Министерството за политички систем. Инспекторите од инспекторатот за труд го завршија увидот. Институцијата нема да биде казнета бидејќи државните органи се исклучени од прекршочна одговорност.

Јавното обвинителство треба да се произнесе дали прославата е кривично дело или не откако граѓански активисти поднесоа кривична пријава. Министерот Спасовски појасни дека постои протокол од Комисијата за заразни болести за одржување средби и состаноци, но Јавното обвинителство ќе го има последниот збор.

Вели дека казнети се сите 15 функционери од ДУИ и оти ја научиле лекцијата.

-Не, јас ќе одговорам зашто тој е казнет. Не може да одговори зашто е казнет и сега носи маска. Ако не беше казнет можеби сега немаше да ја носи маската. И казнети се сите до еден што седеа на таа маса, дали се претседатели на партии, пратеници или министри. И кога зборуваме за изрекување казни на државни функционери барем на мене или на ова раководство на МВР не можете да му замерите. Од премиерот, заменик-премиерот, министрите, сите до еден досега имаат казни зашто направиле одредени превиди што треба да ги санкционираме, рече министерот Спасовски.

Опозицијата денеска реагира дека казните од 20 евра за неносење маски за функционерите од ДУИ се прениски. Оттаму велат дека Владата ги заплашувала обичните граѓани и покажувала оти едно важи за обичниот човек, а други правила важеле за власта.

-Функционерите можат да слават роденден во државна институција без никакво почитување на мерките и протоколите и пет дена да се истражува случајот и на крајот да се казнат со само 20 евра, ама затоа граѓаните веднаш се апсат, носат во полициска станица и плаќаат казна од 2.000 евра, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски на прес-конференција во партиското седиште.

Фотографијата која ја објави министерот за надворешни, Османи, а потоа и ја повлече од Фејсбук предизвика остри реакции во јавноста. Дури и самата партија ДУИ побара нејзините функционери соодветно да бидат казнети.