Македонија
8. November 2016 - 15:28

Спасовски во посета на СВР Тетово

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети СВР Тетово при што оствари средба со началникот Џеваир Шабани.

Спасовски истакна дека станува збор за работна посета што е продолжение на ваквите посети низ целата држава и средбите со соодветните сектори, а што има за цел запознавање со состојбите на теренот.

-Безбедносната состојба во подрачјето под надлежност на СВР Тетово е на задоволително ниво и јас сум задоволен од постигнатите резултати на полициската работа иако секогаш може подобро но за одбележување што сето тоа има нагорана линија. Тука има и добри меѓучовечки односи што е многу важно бидејќи еден од клучните приоритети на полицијата во овој осетлив период пред изборите во декември покрај останатите полициски ангажмани е да овозможи фер, демократски и мирен изборен процес и да им овозможиме на граѓаните на Македонија самостојно да ја донесат одлуката на нив, рече Спасовски.

Тој го оцени како недозволиво било каквото учество во активностите на политичките кампањи од страна на припадниците на полицијата.

-Дадов стрикна задача дека никој припадник на полициските службеници не смее да се вклучува во политички кампањи и не смее да се злоупотребуваат ниту човечки ресурси ниту материјално технички средства за претстојната изборна кампања на било која од политичките партии, нагласи Спасовски.

Тој ги повика граѓаните да пријават во полиција секаков притисок што евентуално би се вршел врз нив како да се определат на изборите без разлика дали доаѓа од полициски службеници, раководители во МВР или било која државна институција  со напомена дека тоа е кривично дело за кое се определува казна затвор од три до пет години.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на откриената група поврзана со Исламска држава во Албанија и Косово Спасовски рече дека и претходно македонската полиција преземала акции и обработки како што е оперативната акција „Ќелија“ но оти за сите детали за вакви постапки треба да се бара одговор од Јавното обвинителство.

За оставката што од него ја побара заменик министерот за внатрешни работи Оливер Андонов, Спасовки рече дека нема коментар бидејќи мисли оти излишно е да се даваат одговори на прашања што се депласирани. Тој посочи и оти за новите шестотини полицајци кои неодамна беа промовирани добиле допис од министерството за финасии дека барањето за нивно вработување треба да се испрати следната година кога тоа и ќе биде реализирано.