Македонија
13. November 2021 - 14:39

Спасовски: Проблемот со мигрантите подразбира континуирано барање решенија на земјите за предизвиците кои ги носи миграцијата

Проблемот со мигрантите подразбира континуирано барање решенија на земјите за предизвиците кои ги носи миграцијата, но и цврста одлучност со заеднички активности да ги менаџираме овие миграциски текови, постојано изнаоѓајќи можности за унапредување на постојните форми на соработка во областа на безбедноста, како во регионот, така и пошироко, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната конференција на тема „Мигрантската криза и земјите од Балканско-Јадранскиот регион”, во организација на Меѓународната полициска асоцијација-ИПА во Република Северна Македонија.

На конференцијата присустваа и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, раководството на ИПА во земјава и гости од соседните земји, претставници на Фронтекс, Македонскиот полициски синдикат и Сојузот на синдикати на Македонија.

– Заедништвото и партнерството кое полициските службеници од Република Северна Македонија, заедно со нивните колеги од осумте европски земји го покажаа во текот на мигрантската криза на јужната граница, каде се случуваат и најголемиот број на обиди за илегално минување на границата, со цел да се стигне до западноевропските земји, се показател дека само со заеднички сили можеме да се справиме со сериозните миграциски предизвици. Оттука, длабоко верувам дека и Меѓународната полициска асоцијација, преку кредибилитетот што го има и својата веќе изградена мрежа, може во огромна мерка да придонесе за проширување на таквата соработка и изнаоѓање на нови модули за поддршка во напорите за справување не само со илегалната миграција, туку и со сите форми на криминал, истакна Спасовски.

Тасевски пак во своето обраќање потенцираше дека паралелно со предизвиците со кои се соочуваат мигрантите, како од безбедносен, така и од хуманитарен аспект, предизвици имаат и државите низ кои тие минуваат и во таа насока активностите на полицијата се насочени и во делот на превенција и рано предупредување, но и во давање на првичниот одговор во делот на справување со проблемот со мигрантите.

– Годинава, спречени се 15.895 обиди за илегално преминување на границите односно регистрирани се речиси 10 илјади обиди помалку во споредба со истиот период минатата година, и тоа најмногу на јужната граница. Како логична последица на тоа е и трендот на намалување за повеќе од 60 отсто на откриените случаи на криумчарење мигранти, а бројот на поднесени нови барања за азил е намален за 70 проценти.  Успешната борба против илегалната миграција и криумчарењето мигранти најдобро е рефлектирана во заедништвото и партнерството кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ, истакна Тасевски.