Македонија
19. July 2018 - 12:16

Спасовски подели флаери на ГП Табановце во рамки на кампањата „Не летај, летувај“

Под мотото „Не летај, летувај“ почна да се спроведува кампањата на МВР и на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот за безбедно возење и патување. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска на ГП Табановце, подели едукативни флаери на туристите кои влегуваат во Македонија преку кои се апелира за почитување на сообраќајните правила и прописи и одговорно возење.
 
Кампањата има за цел да ја подигне свеста и кај македонските граѓани и гостите, бидејќи според проценките на МВР во јули и август има зголемен број на сообраќајни несреќи. Во овие месеци зголемена е фрекфенцијта на сообраќајот и има зголемен број на туристите кои транзитираат или остануваат во Македонија. Тој очекува преку камапањата да се намали бројот на сообраќајните незгоди и да се почитуваат правилата и прописите.

-Покрај сите реформи, покрај сите активности кои ги преземаме за опремување и подобрување на условите за работа на македонската полиција, клучна работа е да имаме проекти преку кои ќе ја јакнеме јавната свест, бидејќи ако имаме граѓани кои ќе бидат партнери, ако имаме гости кои ни влегуваат во Македонија ќе се однесуваме одговорно, во сообраќајот, можеме да имаме безбедност во сообраќајот, рече министерот.

Флаерите се испечатени на македонски, англиски и албански јазик и припадниците на полицијата ќе ги дистрибуираат на граничните премини а, РСБСП на патарините.

-Сметаме дека сите заедно мора да придонесе да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, бидејќи тоа е заштита на секој граѓанин, намалување на сообраќајните незгоди и намалување на бројот на жртви, изјави Спасовски.

Министерот ги повика граѓаните, туристите и гостите да ги почитуваат правилата и прописите и да уживаат во летувањето. Спасовски информираше дека преку советите за превенција кои се активираат низ општините ќе се реализираат и слични кампањи и во урбаните средини во соработка со локалните самоуправи, за да се врати пратнерството помеѓу граѓаните и полицијата и најави реализиација на дополнителни кампањи.

-Проектите кои ги работиме, пред се јакнењето на интегритетот на полициските службеници заедно со ОБСЕ е многу важен, меѓутоа и со други организации со кои ќе реализираме проекти пред се за јакнење на јавната свест кај граѓаните, изјави Спасовски.

Бројките на случени сообраќајни несреќи годинава се на ниво на претходната, со тенденција на намалување на сообраќајните прекршоци, особено во градските средини, поради зголемените контроли кои се воспоставени од МВР. Министерот најави дека во сите градови ќе има зајакнати полициски контроли за поголема безбедност во сообраќајот и апелираше до граѓаните да се однесуваат одговорно, за нивната и безбедноста на останатите во сообраќајот.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со безбедноста на вчерашната лидерска средба, Спасовски, рече дека нема да коментира лидерски средби и политички настани.

-Безбедноста била на ниво на која процениле службите во МВР, така што ништо позначајно од тоа дека требало да биде обезбедено местото каде што ќе се одржува лидерската средба, како што тоа било и претходно, изјави Спасовски