Македонија
16. February 2016 - 16:29

Спасов: Ташевска Ременски да ја почитува одлуката на Управниот суд

Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска од Охрид укажа на одлуката на Вишиот управен суд кој ги отфрлил жалбите поднесени од министерката Фросина Ташевска Ременски против времените мерки со кои се ставија вон сила решенијата за разрешување на 12 диркетори на центри за социјални работи и други институции во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Притоа потенцира дека по ова таа треба да ги врати старите директори на работните места.

- Со тоа времените мерки донесени од Управниот суд стануваат правосилни. Техничката министерка мора да ги испочитува решенијата за времени мерки донесени од страна на судот и да ги врати работите во поранешна состојба односно да ги врати старите директори на своите работни места. За неизвршување на судска одлука кривичниот законик предвидува кривична одговорност и оттаму мора да се испочитува одлуката на Управниот суд односно решенијата за времени мерки, истакна Спасов.

Што се однесува на Проектот „Македонија вработува“ што почна да се реализира од крајот на април минатата година, Спасов истакна дека во рамки на кампањата на Министерството и Владата досега се евидентирани над 13 илајди новоотворени работни места.

- Овој проект дава големи резултати и во Општина Охрид каде за нецели десет месеци досега се отворени 436 нови работни места, во 297 приватни компании, од кои дури 250 мали претпријатија со под десет вработени. Тоа е голема бројка за толку кус период, и тоа само преку овој проект, потенцира заменик министерот.

Кога станува збор за останатите општини, преку Проектот во Струга се отворени околу 410 работни места.

- Проектот продолжува да се реализира некаде до април месец оваа година, така би ги повикал сите приватни компании да ги искористат можностите што се нудат, оттаму што за отворено работно место можат да заштедат од 1.500 до две илјади евра на годишно ниво. За некои од категориите можат да добијат поволности, дури и до три и до пет годишно ослободување од придонеси што е секако поддршка за приватниот сектор, особено за најмалите компании, истакна Спасов.