Македонија
9. јуни 2016 - 10:48

Спасов се обрати на 105. годишната Меѓународна конференција на трудот во Женева

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов вчера се обрати на 105. годишната Меѓународна конференција на трудот во Женева.

Во своето обраќање Спасов ја  поздрави иницијативата на Меѓународната организација на трудот (МОТ) насловена како “Future of Work Initiative” со која се одбележува стогодишнината на организацијата и нагласи дека Република Македонија веќе ги има поставено како свои водечки приоритети зголемување на вработеноста и подобрување на пристапот на повеќе целни групи на пазарот на труд.

Како што соопшти кабинетот на министерот за труд и социјална политика, Спасов од 8 јуни до 10 јуни ја предводи македонската делегација на годишната конференција каде се изработуваат и усвојуваат важни стратешки документи во областа на трудот како конвенции и препораки кои даваат насоки за национална акција на владите на државите и на која присуствуваат министри, претседатели на синдикати, организации на работодавачи од приближно 200 земји од светот.

- Изминатиот период, политиките за вработување кои беа спроведувани, постојано беа фокусирани на стимулирање на побарувачката на пазарот на труд, поврзување на понудата и побарувачката на работната сила, во согласност со утврдените потреби на пазарот, како и на намалувањето на сивата економија.  Во овој поглед преку подобрен, систематски и сеопфатен пристап во дефинирањето и практичната примена на политиките за вработување беше направен забележителен напредок и го задржавме  трендот на постојано намалување на стапката на невработеност и зголемување на стапката на вработеност, рече Спасов.

Посочи дека во текот на 2015 година преку процес во кој биле вклучени сите релевантни институции, социјални партнери, домашни и меѓународни експерти, беше изготвена новата Национална Стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 која ги следи принципите и целите на Стратегијата  Европа 2020 на Европската Унија.

Спасов нагласи дека нашата држава посветува големо внимание на предизвиците за вработување со кои што се соочуваат младите лица и дека согласно повикот на акција од страна на Меѓународната конференција на трудот функционира меѓуминистерска работна група за изготвување, имплементација и следење на Акциските планови за вработување млади лица.

Во 2015 година Владата на Република Македонија го донесе Националниот Акциски план за вработување млади лица 2016-2020 со подршка на МОТ и како што  напомена Спасов во своето обраќање,  овој документ утврдува три стратешки цели за унапредување на целосно, продуктивно и слободно избрано вработување за младите лица и тоа подобрување на усогласувањето на понудата на вештини со барањата на пазарот на трудот, промовирање на отворањето работни места предводено од приватниот сектор и олеснување на преминот на младите лица на  пазарот на труд.

Спасов се осврна и на напорите кои ги вложуваме како во држава во делот на социјалниот дијалог.

- Владата на Република Македонија, свесна за значењето на социјалниот дијалог, за општествено-политичкиот и економскиот развој на земјата постојано презема мерки за негово подобрување. За таа цел во тек е проектот  „Унапредување на социјалниот дијалог” кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, а со кој се зајакнува трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог и се воспостави оперативен механизам за мирно решавање на работните спорови, истакна Спасов.

Тој се заблагодари за  долгогодишната помош и соработка што Македонија ја добива од Меѓународната организација на трудот и изрази надеж дека истата ќе продолжи и понатаму, посебно при изготвувањето, примената и следењето на стратешките документи од областа на вработувањето при креирањето на политики и програми за одржлив развој на претпријатијата и унапредување на националното трудово законодавство во насока на достигнување на трудовите стандарди поставени од Меѓународната организација на трудот.