Свет
30. August 2017 - 8:36

Советот за безбедност на ОН категорично го осуди новото ракетно лансирање на Северна Кореја

Советот за безбедност на ОН категорично го осуди лансирањето на балистичка ракета, што вчера беше извршено од страна на Северна Кореја. 

Советот ги повика сите земји членки на ОН стриктно и целосно да ја почитуваат резолуцијата на организацијата, вклучително и оние кои и наметнуваат економски санкции на Северна Кореја, стои во соопштението одобрено од 15-те земји членки. 

Во соопштението се додава дека  е од витално значење Северна Кореја да преземе непосредни, конкретни дејствија со цел да ја намали тензијата. 

Советот исто така ги наведе и ангажманите за мирно, дипломатско и политичко решавање на севернокорејската криза. 

Постојаната претставничка на САД во ОН Ники Хејли наведе дека Вашингтон повеќе нема да го трпи беззаконието на Северна Кореја и оти целиот свет е против Пјонгјанг. 

Таа нагласи оти дошло време да се признае дека севернокорејскиот режим „сам се ставил во опасна ситуација“. 

Постојаните претставници на Русија и Кина се спротивставија на едностраните санкции. 

Во телефонскиот разговор на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и министрите за надворешни работи на Јапонија и Јужна Кореја, ракетното истрелување на Пјонгјанг било наречено „враќање на провокацијата“, јави ТАСС. 

Тоа лансирање покажа колку сериозна закана е Северна Кореја за САД, Јапонија, и Јужна Кореја, како и за другите земји во светот, оценуваат тројцата дипломати. 

Тилерсон повторно ги уверил неговите колеги  дека САД продолжуваат со исполнување на ангажманите за заштита на Јапонија и Јужна Кореја. 

За време на телефонскиот разговор, јапонскиот премиер Шинѕо Абе и јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин, се договорија да издејствуваат посилна резолуција против Северна Кореја во Советот за безбедност на ОН. 

Двајцата лидери ги определија провокациите на Пјонгјанг како грубо кршење на законите.