Македонија
5. October 2015 - 16:26

Советниците на ВМРО - ДПМНЕ во Куманово со иницијатива за промена на името на плоштадот „Нова Југославија“ во „Македонија“

Советничката група на Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, на денешната прес-конференција информираше дека покренува иницијатива за промена на името на плоштадот од сегашниот „Нова Југославија“ во „Македонија“, како и иницијатива за решавање на прашањето за именување на улиците во градот.

Како што рече на денешната прес-конференција, координаторот на советничката група и претседател на општинскиот комитет на ВМРО -ДПМНЕ, Драган Петковски, поради неименувани улици голем број кумановци не можат да го остварат своето основно право како државјани на Македонија - да добијат лични документи.

- Многу приградски насееби се водат како населби без уличен систем или жители на приградски населби, се водат на една фиктивна адреса, рече Петковски.

Како советничка група во Советот на град Куманово, информира тој, ќе бараме на дневен ред да се стави името на плоштадот во најстрогиот центар на градот и тоа од досегашното „Нова Југославија“ да се промени во плоштад „Македонија“. Петковски додаде дека за ова иницијатива ќе побараат и поддршка од граѓаните во собирање потписи.