Македонија
16. November 2020 - 21:21

Сотирова Бухова: Решенијата за изолација доцнат заради оставање на неточни податоци

Граѓани позитивни на Ковид тестирани минатата недела реагираат дека сеуште не добиле решение за изолација. Други пак велат дека и по истекот на 20-тиот ден додека седеле дома не биле контролирани. Од ДСЗИ  тврдат дека за сите лица кои на дневна основа ќе добиеле список од ИЈЗ веднаш го изготвувале решението и немало поголемо доцнење од ден-два. Минатата недела издале 13.656 вакви документи на инфицирани и нивните контакти, а денеска ги подготвувале решенијата за новозаразените од петок и сабота.

-Доколку некој од граѓаните не добие решение тоа е поради оставени неточни податоци, погрешен телефонски број или неточна адреса каде треба да седи во изолација, изјави за Сител д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Од ДСЗИ повикаа доколку некој има проблем со решението да се обрати на маилот на инспекторатот и истото ќе го добие.

-Доколку некој од граѓаните има проблем со решението да се обрати на меилот infodszi@zdravstvo.gov.mk и ќе го лоцираме каде е проблемот, изјави д-р Сотирова Бухова.

Инаку со последните законски измени сите лица од денот на тестирањето до добивањето на резултатот треба да останат дома, а не да се шетаат надвор. Ако лицето е позитивно изолацијата продолжува. Лабораториите се должни да го информираат МВР за сите кои доаѓаат за ПЦР, но останува отворено прашањето дали воопшто се контролираат околу 3000 граѓани кои на дневна основа прават тест. Казната за непочитување на оваа обврска е 50 евра.