Македонија
25. October 2016 - 17:08

Соработка меѓу ЕФТА-Скопје и Националниот универзитет за филм и театар од Букурешт

Националниот универзитет за филм и театар „Јон Лука Караѓеле“ од Букурешт и Универзитетот за аудиовизуелни уметности - европска, филмска, театарска и танцова академија (ЕФТА) од Скопје ќе соработуваат во областа на аудиовизуелните уметности, за што денеска во романскиот универзитет меморандум потпишаа ректорите на двете институции, Николае Мандеа и Јордан Плевнеш.

Како што соопшти ЕФТА, соработка во аудиовизуелниот сектор (филм, театар, применета музика...) ќе почне уште оваа година. Договорена е и размена на студенти и професори од двата универзитета, како и соработка на филмските фестивали на Југоисточна Европа во Париз и Берлин (SEE a Paris и SEEFF a Berlin).

- Ректорот Мандеа ја лансира идејата за интернационално стручно списание за аудиовизуелните уметности со импакт фактор, кое ќе биде наменето првенствено за едукацијата и креативното остварување на уметниците од Југоисточна Европа. Се очекува наскоро ректорот Мандеа да ја посети Македонија во функција на остварување на зацртаните приоритети во меморандумот, информира Универзитетот ЕФТА.