Бизнис
2. јуни 2017 - 17:11

Сообраќајот на граничните премини со Грција се одвива нормално

Граничните премини со Грција  повторно се отворени за сите видови сообраќај. По 24 часовниот штрајк на грчките царински службеници  поради кој протокот на возила во текот на вчерашниот ден беше отежнат, денеска  сообраќајот на сите гранични премини со јужниот сосед се одвива нормално и без некои посебни  застои и задржувања.

Најфрекфентен и денес беше најголемиот граничен премин Богородица - Евзони каде поради продолжениот викенд беше регистриран и зголемен број на патници пред се на излез од Македонија кон Грција. Зголемениот број на патници кој е вообичаен за продолжените викенди беше причина и за помали гужви во претпладневните часови кога на македонска страна за излез од државата  се чекаше од 10 до 15 минути додека за влез во Грција беше потребен околу половина час. Најголемиот дел од патниците кои во текот на денот заминаа во Грција се македонски и српски државјани. Без никакви проблеми и задржувања сообраќајот се одвиваше и на граничниот премин Дојран. Слична фрекфенција е можна и во текот на утрешниот ден.

За влез во Македонија немаше задржувања, на овој дел поголем број на патници  се очекуваат  во недела во поладневните и вечерните часови кога најголемиот дел од туристите  ќе почнат да се враќаат назад.