Македонија
16. March 2017 - 12:42

Сообраќајка на патот Подмоље-Струга - Четири лица префрлени во болница

Четири лица се здобија со телесни повредени во сообраќајната незгода што синоќа во 18 часот и 15 минути се случи на магистралниот пат Подмоље-Струга.
 
Повредените Н.С. (39), О.С. (35) и едно малолетно лице, сите од Охрид, со амбулантно возило се префрлени во Општата болница во Струга, каде по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Во болницата, на понатамошно лекување задржан е С.Д. (52) од струшкото село Радолишта.
 
-Во сообраќајната незгода учествувале возило трактор со приколка ИМБ со струшки регистарски ознаки, управувано од Г.К. (43) од струшкото село Мороишта, патнички автомобил марка „Мерцедес“ со струшки регистарски ознаки управуван од С.Д. (52) од Радолишта, патнички автомобил марка „Форд Фокус“ со охридски регистарски ознаки  управувано од Н.С. (39) од Охрид, во кој како сопатници биле О.С. (35) и малолетното лице, информираат од СВР Охрид.
 
Сообраќајната незгода е случена поради целосна неосветленост на тракторот и приколката полна со земја, односно негово управување по магистралниот пат од Подмољје кон Струга без запалени сигнални светла. Во критичниот момент, во задниот лев дел од приколката удрил автомобилот „Мерцедес“ кој се движел во истата насока. Ова возило, од силината на ударот се занесло кон спротивната коловозна лента и со задниот лев дел удрило во предниот дел од автомобилот „Форд Фокус“ кое, по магистралниот пат се движело во правец од Струга кон Подмоље.
 
По овластување на Јавен обвинител, на местото на сообраќајната незгода, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во сообраќајот од Струга. Притоа, полициски службеник вршеше физичко регулирање и  пренасочување на возилата по регионалниот пат поради што немаше застој во сообраќајот.