Македонија
20. January 2023 - 16:28

СОНК реагира на Законот за систем на плати

Предлог-законот за систем на плати е неуставен и дискриминирачки, смета СОНК. Велат дека со него колективните договори ќе се укинат и вработените постојано ќе бидат во неизвесност дали ќе имаат повисоки или пониски примања, оти Владата ќе може да ги намалува платите ако буџетот снема пари. 

Синдикатите ќе немаат можност за преговори со надлежните, а се што е досега договорено ќе стане ништовно, тврди претседателот на СОНК. Дециден е дека во кроењето на законот не бил консултиран никој.

„Бевме вчудоневидени. Прво, не знаевме дека се изработува таков закон. Бидејќи во низа разговори коишто ги имавме минатата година и со премиерот и со пола Влада, секогаш тврдеа дека ќе се прави методологија за систем на плати каде што вие синдикатите директно ќе учествувате во изработката. На крај памет не ни падна дека на некој може таква работа да им текне“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Најболна точка за СОНК е новата пресметка за раст на платите, која нема да биде процентуална, туку линеарна. Ако законот помине во ваква форма, тогаш за неколку години работниците од најниските и највисоките работни места ќе земаат иста плата, вели Неделков.

„Тоа значи дека од најниската позиција, со најмалку сложеност на работното место до највисоката позиција со најголем коефициент на сложеност ќе имаат линеарно зголемување. Ако сега во оптег е некоја сума од 2 илајди денари, тоа значи дека сите вработени во јавниот сектор без разлика на кое место работат, ќе земаат по 2 илјади денари“, изјави Неделков.

Бараат повлекување на сегашната верзија и на средба меѓу синдикатите, работодавачите и владата да се изработи нов закон. Ако не се случи тоа, најавија други активности за изразување незадоволство, без да прецизираат во каква форма ќе бидат тие.

Законот веќе наиде на низа забелешки и критики и кај синдикатот за култура, УПОЗ и ССМ.