Македонија
19. November 2015 - 12:47

Сојузот на борци ја одбележа 71 годишнината од ослободувањето на Тетово

Сојузот на борци од Тетово денеска со свеченост пред споменикот на Револуцијата во центарот на градот ја одбележа 71 годишнината од ослободувањето на Тетово 19. ноември 1944 година, а со тоа ослободување на вардарскиот дел од Македонија во Втората Светска војна.

По тој повод со положување на букети цвеќе, почит на паднатите борци за слободата на Македонија  им одадоа делегации на Сојузот на борци од Тетово и Гостивар, претставници на тетовскиот гарнизон на АРМ, здруженијата на резервните офицери, воените инвалиди, пензионерите, регионалниот одбор на српската заедница во Македонија, здужението Срби и Македонци Бранко Чајка, општинските раководства на политичките партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, децата од детската градинка Младост – Стара градинка и други граѓани.

- Празникот 19. ноември – Денот на ослободувањето на Тетово претставува најзначаен историски настан од историјата на градот и неговата околина. Ослободувањето на Тетово се поклопува со завршните операции на Народноослободителната војска на Македонија за конечното ослободување на вардарскиот дел од Македонија. Со неговото ослободување и со успешното завршување на војната на територијата на денешна Македонија доведе до национална слобода на македонскиот народи создавање на современа македонска држава. Македонскиот народ со 24 илјади жртви даде огромен придонес за својата слобода додека од Тетово и околината животот го положија 360 борци од сите етнички заедници меѓу кои и народните херои Ѓоце Стојчевски Амбарче и Тодор Ципоски Мерџан поради што должни сме со почит и признание да гледаме на придобивките од НОВ и во тој дух да ги воспитуваме младите генерации, рече во својот говор пред присутните претседателот на Сојузот на борци од Тетово Стојан Петрушевски.

Петрушевски уште еднаш се осврна на, како што рече, несфатливиот однос на локалната самоуправа кон празникот.

- Општината, а не ние треба да биде носител при одбележувањето на државните и локалните празници, а со тоа и на 19 –ти ноември како ден на ослободувањето на градот. Денеска нема ниту знамиња ниту пак нивна делегација немаше на одбележувањето иако упативме покана до локалната власт, изјави Петрушевски.

Во однос на бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски Амбарче и Тодор Ципоски Мерџан кои пред десеттина години и беа отстранети од градскиот плоштад поради негово реновирање, а потоа никогаш не беа вратени назад, Петрушевски посочи дека тие како здружение упатиле барање до локалнат власт, Министерството за култура и други институции да им дозволат да ги постават бистите до споменикот на Револуцијата. Од општината како надлежна за ова прашање, подвлече, им одговориле дека тоа ќе се реши кога ќе се изготви елаборат за сите спомен обележја во градот.