Македонија
29. November 2024 - 9:48

Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме

Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме.

Директно ги посочуваме виновниците кои на вандалски начин го сквернавеа македонското знаме.

Тоа претставува чин на непочитување на македонската држава и газење врз достоинството на македонскиот народ кое не се простува.

Подадената рака претставува разум и желба за заедништво, но никако слабост или повлекување.

Ги прозиваме политичките партии на македонските албанци од власта и од опозицијата, како најодговорни за синоќешното нецивилизирано однесување на толпата, да се заложат за смирување на ситуацијата, со што еднаш ќе покажат разум, за разлика од досегашното лицемерие и левантиство. Секој мора да си ја сноси одговорноста.

Ги повикуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и обвинителството за итна и жестока реакција во изнаоѓање и силно санкционирање на виновниците.

Во Македонија мора да се воспостави ред и почитување на законот кој ќе важи подеднакво за сите.