Македонија
26. November 2018 - 14:41

Собраниска дебата за Предлог законот за јавни набавки

Во Собранието на Република Македонија во рамки на 66. пленарна седница започна дебатата по Предлог законот за јавни набавки во прво читање, со кој се предвидува економски најповолна понуда да биде главниот критериум за избор во јавните набавки, а ќе овозможи и поголемо учество во јавните набавки и на малите и средните претпријатија.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези образложувајќи го законот изјави дека усвојување на новииот закон за јавни нававки има за цел усогласување со ЕУ законодавството, воедно ќе се обезбеди транспарентно и рационално трошење на јавните средства, ќе се воспостави обврска за задолжително објавување на договорите, како и поедноставување на јавните постапки. Се воспоставуваат и нови правила за следење на јавните набавки, се воведува и електронска жалба, како и прекршочни одредби.

-Законот во РМ беше усвоен во 2007, а почна со спроведување во 1 јануари 2008 година. Тој беше усогласен со директивите за јавни набавки на ЕУ. Во меѓувреме до денес направени се серија измени во директивите, и согласно оцената на Европската комисија, решивме да пристапиме кон изготвување на нов закон за јавни набавки којшто е дел од реформските процеси што се однесуваат на управување со јавните финансии, рече Елези.

Имено, во согласност со новото законско решение, при изборот на најповолниот понудувач ќе може да се избере меѓу цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена.

Тој  содржи решенија што ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби што се однесуваат на вклучување социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување инклузивен раст и вработување на социјално загрозените групи.

Со новиот Закон за јавни набавки се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.

Зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки, од една страна, како и воведувањето соодветни механизми на контрола, од друга страна, ќе резултира според предлагачот со поголема рационалност во трошењето на јавните средства, односно добивање најдобра вредност за потрошените јавни средства. Постигањето најдобра вредност за потрошените јавни средства треба да резултира со поголема ефикасност на буџетските расходи што се трошат на јавни набавки.

Со донесувањето на овој закон се поставуваат основите за темелна реформа во системот на јавните набавки, која ќе биде засилена со бројни подзаконски акти со кои треба да се заокружи новата правна рамка. Предлагачот смета дека самата имплементација треба да резултира со зајакната контрола, но и поедноставни постапки, кои треба да го намалат просторот за субјективно однесување на договорните органи и злоупотреби во трошењето на јавните средства, од една страна, но и со полесен и поефикасен процес на вршењето јавни набавки, од друга страна.

Новиот Закон за јавни набавки што би требало да стапи во сила до крајот на оваа година, превидува и низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки.

Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека новиот закон е надградба на постојниот. Забележа дека по укинувањето на Советот за јавни набавки спроведени се низа набавки под превезот на итност, како и тоа што се уште не е доставен извештајот за работата на Бирото за јавни набавки за 2017 година, а ги оспори и капацитетите на Бирото за спроведување на овој закон особено во поглед на електронскиот пазар на јавни набавки.

– Генерално ние немаме проблеми околу законската регулатиува туку во имплментацијата, а тоа ќе се случи и со овој закон. Со законот цената нема да биде најважниот криутериум, туку економски најповолната понуда, рече Цуклев забележувајќи дека сепак во многу европски земји цената е основен критериум кај јавните набавки.

Нагласи дека е потребна контрола на реализацијата на јавните набавки и оти кај стоките нема контрола на реализацијата, особено кај сукцесивните набавки. Без таква контрола ние ќе имаме катастрофа во јавните набавки, рече Цуклев и најави дека ќе поднесе амандмани на законот.

Маја Морачанин од ДОМ реплицираше дека најважно е што критериум со овој закон е економски најповолната понуда, а не најниската цена затоа што со оваа понуда се вклучуваат односот меѓу цената и квалитетот, како и екоколошките аспекти во јавните набавки.

-Македонија го ратификуваше Парискиот климатски договор и имаме обврска кон тоа и затоа мислам дека ова е одлично решение кое што ќе оди во прилог на задоволување на аспектите за заштита на животната средина. На овој начин се отвора и можност за развој на зелена економија која што нуди многу повластици како нови работни места и заштита на животната средина, рече Морачаник.

Претходно Предлог законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година,  поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не го доби потребното мнозинство да биде ставен на дневен ред на оваа 66. пленарна собраниска седница.

Собраниската седница ќе продолжи по редовната пауза.