Македонија
7. March 2016 - 15:16

Собранието расправа за предлог измените на Законот за Владата

Собранието на Република Македонија денеска на продолжение на 92. седница расправаше за Предлог законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, поднесен од пратениците од опозицијата.

Како што образложи пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ, се предлага од законот да се избрише член 14-а, додаден во 2013 година, со кој се уредува право на лично обезбедување на претседател на Владата на РМ на кого му престанала функцијата. Премиерот кому му престанала функцијата, според тој член, има право на лично обезбедување од шест лица вработени во организациската единица за обезбедување  лица и објекти во Министерството за внатрешни работи, како и право на користење службено возило и возач. Тоа право го остварува во период ист со периодот на времетраењето на извршувањето на функцијата претседател на Владата.

- Опозицијата го предлага законот со цел да се тргне зголеменото обезбедување на поранешните премиери затоа што оваа држава има стручни служби кои проценуваат каков е ризикот на поранешните функционери, вклучително и премиерот, рече пратеникот од СДСМ Васко Ковачевски, прашувајќи „од кого се плаши Никола Груевски ако ја извршувал функцијата согласно законот“.

Со укинување на правото на лично обезбедување на поранешниот премиер, според Ковачевски, ќе се оневозможело тој да биде во попривилегирана позиција од другите функционери и ќе се заштеделе огромни средства од Буџетот.

Според пратениците од владејачкото мнозинство, законот е правно неиздржан. Шесте лица од обезбедувањето на премиерот, како што наведоа, ќе работат по двајца во три смени. 

Зоран Илиевски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оцени опозицијата предлага популистички закони за зголемување на енергијата меѓу членството.

- Со ова продолжувате со непочитување на институциите. Овој закон не е со име и презиме за конкретен човек. Овој закон е за поранешните претседатели на Владата на Република Македонија, што значи ќе важи и за идните премиери. Нема да важи  само за еден човек. На овој начин само ќе пробате да ја зголемите енергијата меѓу вашето членство за да ги убедите дека на 5 јуни ќе се случи нешто различно од тоа што се случи на претходните избори,  рече Илиевски.

Неговиот сопартиец Драган Данев рече дека е логично колку што траел мандатот на поранешниот премиер толку време да користи обезбедување укажувајќи на теренските активности на Никола Груевски како поранешен премиер и реализираните средби со граѓани.

Стојко Пауновски од СДСМ, пак, посочи дека со постојното законско решение за 10 години за обезбедување и возач на поранешниот премиер ќе се потрошеле милион евра.

 -  Македонија не е богата држава да може преку законски решенија да им се овозможува на одредени лица луксузирања и самоволно ставање на поранешен премиер во повластена состојба, и тоа не една година колку што е законското решение, туку десет години. Државата има доволно мерки да обезбеди ефикасна заштита на сите и на премиерот,  рече Пауновски, дополнувајќи дека доколку нема од што да се плаши Никола Груевски треба да се откаже од обезбедувањето.

Законот е системски за обезбедување високи службеници кои ја водат оваа држава и не е донесен само за Никола Груевски, реплицираше Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранието ќе продолжи со расправата во 15 часот.