Македонија
7. December 2015 - 14:30

Собранието петти ден расправа по Извештајот на ЕК за Македонија

Петти ден по ред македонското Собрание расправаше по Извештајот на ЕК за Република Македонија за 2015 година. Пратениците од партиите на власт и опозициските партии и на денешнатото продолжение на 74. седница изнесоа различни ставови и видувања на она што е во него наведено.

За едните тоа е најлош извештај што Македонија го добила во изминатите седум години, додека за другите покрај нотираните забелешки во него Комисијата нотирала и напредок за се она што било направено во изминатата година.

Јован Митрески од СДСМ смета дека не може да се тврди дека извештајот е позитивен кога, како што рече, само во три од 33 поглавја ЕК констатирала добар напредок, а во се друго мал, одреден, назадување или стагнирање... Добро е, рече тој, што барем е зачувана препораката иако таа е условена.

Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО - ДПМНЕ смета дека во Извештајот е нотирано се она што било сработено во посочениот период и оти тој не може да се третира како негативен, пред се заради тоа што повторно е добиена препорака. Условеноста за препораката, рече, во еден дел зависи од спорот што го наметна Грција за прашањето со името, а вториот, од деструктивното однесување на опозицијата.

- Опозицијата не може да се амнестира од она што е напишано во Извештајот на ЕК за Република Македонија. Вие не само во изминатата година, туку од 2006 правите се и работите на тоа Македонија да не добие препорака за почеток на преговорите, рече Затуроска.

На говорот на Затуроска реплицираше Горан Сугарески од СДСМ кој истакна дека овој извештај е најкатострофален од сите добиени досега.

- Се нотира дека има назадување или има стагнација во сите четири политички критериумите. Грција  е виновна за спорот со името, но сигурно не е виновна за назадувањето во политичките критериуми, истакна пратеникот Сугарески.

Рафиз Алити од ДУИ побара на Извештајот да се гледа како на патоказ за излез од настанатата криза, а не за меѓусебни обвинувања.

- Сите сносиме одговорност за добивање на ваквиот Извештај. Ние сите точно знаевме какви ќе бидат забелешките, бидејќи ние тука гледавме што се случува ги гледавме и позитивните и негативните работи, рече Алити.

Извешттајот на ЕК за Македонија за пратеничката Соња Миракоска од НСДП е удар за владеењето ВМРО-ДПМНЕ. - Точно дека сите одговорни што се занимаваме со политика сносиме некаква одговорност, но власта е таа која ја носи најголемата одговорност, рече Миракоска.

Расправата по Извештајот на ЕК за Република Македонија за 2015 година продолжува по редовната пладневна пауза.